За да го намали незадоволството во партијата Заев одлучил да формира Влада во сенка. Едно министерско место, како што велат извори од партијата, било нудено на повеќемина, пишува Канал 5.
Извесниот двоен пораз на претстојните избори и слабиот рејтинг што СДСМ го има го принудуваат раководството да смислува сценарија, како со невозможни проекти да ги привлечат гласачите, брифираат извори од партијата, пренесува Канал 5.
Така, највисокото партиско раководство решило на граѓаните да им презентира нереални ветувања, чие исполнување малку веројатно би се случило. За аналитичарите ова значи дека СДСМ на граѓаните им нудат само добро спакуван пакет, без било каква содржина.
„Нема програма, мислам дека СДСМ во моментов и не само СДСМ, туку и Стево Пендаровски, наликуваат на една амбалажа, во која што внатре нема производ. Тоа е како да појдете на свадба или роденден да однесете прекрасно завиткан подарок, а внатре да нема ништо“, вели Ивица Боцевски, политички аналитичар.
Министерското место во транспорт и врски му го нудел на Љупчо Балковски од ВМРО Народна партија, како и на поранешниот охридски градоначалник, Александар Петрески и на Мирослав Грчев. Земјоделие и’ било понудено на Ленче Николовска, но и на Митре Вељановски и на поранешниот градоначалник Аце Коцевски. Во ресорот економија Заев ги планирал Дамјан Манчевски, Кире Наумов и Ванчо Узунов. Фотелјата во Министерството за правда ја нудел на портпаролот Петре Шилегов, но и на адвокатот Мирослав Вуиќ, како и на Маргарита Цаца Николовска и на Ленче Софрониевска. На Лидија Димова и Ана Павловска Данева им бил понуден секторот евроинтеграции, како и на Каролина Астеруд. За претендент за премиерското место се изјасни самиот Заев, што може да се толкува како компензација за тоа што неговото име не се најде на кандидатските листи за пратеници. Заев, за да го смири револтот меѓу општинските организации, дури делел директорски места, за што добивал директни навреди.
Боцевски вели дека ова може да ги доведе до многу непосакувани резултати кои дополнителни ќе ги отежнат работите внатре во партијата.
Извор: Канал 5