Референдумската кампања на СДСМ ќе чини само 300-400 илјади евра. Прецизна пресметка нема ниту лидерот Зоран Заев, но нагласува дека парите се наменети само за закуп на медиумски простор.
Заев вели дека нема закажано средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, но дека секогаш има потреба од вакви средби. Партијата на Мицкоски се уште не одлучила каква кампања ќе води: за бојкот или за гласање против, но веќе размислува што би било ако референдумот не успее. Во интервју за ТВ Алфа, индиректно најавува предвремени избори.
Доколку политичарите не успеат да извојуваат победа, тогаш тие го губат легитимитетот кај народот. И логично е: по една, да ја наречам, скапо платена статистичка операција, доколку референдумот не биде успешно спроведен, Заев ќе биде делегитимиран премиер на оваа држава и понатаму следат некои други поинакви политички процеси, смета Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Деновиве, Мицкоски ги повика пратениците да не користат владини пари за кампањата бидејќи партијата има сопствени средства. Дали ќе го послушаат ќе се знае утре, кога се очекува коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ да го извести спикерот Талат Џафери. Потоа, Собраниското координативно тело за референдум ќе одлучува за методологијата за трошење на 1,3 милиони евра, наменети за медиумска кампања. Кабинетот на Џафери синоќа информираше дека 71 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијансата и двајца независни, најавиле дека ќе водат кампања за заокружување „за“ на референдумското прашање. Парите нема да ги добијат лично. Собранието ќе закупи медиумски простор, кој ќе биде пропорционално поделен според бројот на пријавени пратеници. Средствата предвидени за оние што ќе ги одбијат, остануваат во буџетот.