Се бара ослободување и за убијците на полициските „Алфи“ кај ПМФ

По речиси 10 години од убиството, убијците надеж за слобода видоа во премиерот Зоран Заев. Преку отворено писмо до Заев новинарката Лиридона Вејсели бара слобода за напаѓачите.

„Нашата земја, Македонија, помина низ тешки времиња. Луѓето со повеќе среќа избегаа од тука. Некои од тие кои останаа, се убиени, се тероризирани и се затворени доживотно, во случаи монтирани од државата. Повеќето од нив се Албанци. Кога го започнавте проектот “Вистината за Македонија”, сите се убедија во лудоста на тие што не водеа во тоа време. Граѓаните, без разлика на возраст, етничка и партиска припадност, силно ја подржаа надежта за слобода и еднаквост. Потоа следуваа ‘Шарената Револуција’, СЈО и ‘Живот за сите во Македонија’. Вашата идеја за едно општество за сите, со слобода, правда и еднаквост во неа, беше подржана од сите во земјата но и меѓународно. Денес, пооколу една година откако вие ја водите земјата, иако некои работи се подобрени, и понатаму слободата, правдата и еднаквоста не се меѓу нас. Не дека корупцијата и организираниот криминал не се многу важни, но монтираните судски случаи, каде како последица невини луѓе можеби се доживотно затворени, се најболната рана на нашето општество. Еден од овие случаи, каде доказите во целост се во спротивност со судската одлука, е случајот ‘Алфа’. Сега веќе целата јавност е убедена во невиноста на затворените, освен судот и обвинителството. Судот и обвинителството кое ги има осудено овие лица. Во име на невино осудените, во името на граѓаните на Македонија, во мое име, но најмногу во име на правдата, ВЕ МОЛАМ, овозможете повторување на судењето. Не бараме простување ниту милост. Сé што бараме е уште една можност за да се исправат грешките на минатиот режим. Ве молам да ја користите вашата позиција за да се донесе правда и еднаквост за сите исто. За да се донесе ‘Живот во Македонија’. Мотото ‘Нема правда, нема мир’ сé уште ечи во нашите уши“, се вели во отвореното писмо на новинарката Вејсели.

Тој 26-ти ноември во 2008 година е датумот кој припадниците на полициската единица „Алфи“ ќе го паметат засекогаш, но не по добро. Во вооружен напад кај ПМФ, животот го загуби еден припадник на единицата, а двајца беа тешко повредени.

Алмир Дрпљанин заедно со Ќерим Реџаил, Исмаили Агил и уште двајца непознати сторители во 2008-ма на паркингот кај факултетот од возило Голф испукале 70 куршуми кон полицискиот автомобил. За Африм Арифи куршумите беа смртоносни, другите двајца негови колеги останаа трајни инвалиди.

Дрпљанин во 2010 година во отсуство беше осуден на доживотен затвор. По неговата екстрадиција од Косово, на почетокот од 2016 година изречената казна во повторно судење беше потврдена. Судот и во втората пресуда изрече казна доживотен затвор.

Тој беше осомничен и за грабежот на „Про-кредит банка“ во центарот на Скопје при што биле украдени 50.000 евра. Дрпљанин се сомничи дека учествувал и во грабежот на возилото на „Комерцијална банка“ кај Скопски саем во 2007 година, случај во кој беше убиен возачот, а беа повредени двајца негови колеги и беа украдени 200.000 евра. Дрпљанин е осомничен и за грабеж на златарата „Исак“ во април 2012 година во Тетово, како и за напад и грабеж на лица во скопски Аеродром во 2007.