![ојо](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/04/ojo.jpg?resize=670%2C447&ssl=1)
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи, денеска донесе наредба за спроведување на истражна постапка против десет лица од кои едно е полициски службеник, а едно дете во судир со законот над 16 години.
Три лица се осомничени дека сториле кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, пет лица се осомничени дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, а останатите двајца за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
– Во рамките на повеќемесечната истрага и обезбедени доволен број на докази кои ја потврдуваат инволвираноста на лицата во недозволена трговија со оружје и дрога, денеска во раните утрински часови е спроведена оперативна акција. По насоки и координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи извршија претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје и на една локација на подрачјето на Свети Николе. Притоа, од слобода се лишени и приведени девет лица меѓу кои и еден полициски службеник, еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор во друг кривично правен настан – велат од ОЈО.
Двајца од осомничените, се вели во соопштението од ОЈО, создале организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, муниција и дрога, која подолг временски период делува на територијата на нашата држава. На групата се приклучиле останатите осомничени кои нелегално продавале оружје, муниција и дрога на заинтересирани лица.
– Оваа криминална група е поврзана и со претходно реализиран кривично правен настан во Кичево во ноември 2020 година, кога беа запленети поголема количина на оружје и муниција, како и со реализирани случаи на недозволена трговија со дрога во кои обвинителството веќе постапува против девет лица и случаи на недозволена трговија со оружје и муниција каде обвинителството постапува против три лица – информираат од ОЈО.
Приведените лица ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци, до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување на мерка притвор.