Се чекаат анализите за есенската потрошувачка кошница за стотина прехранбени производи

Man buying food products in the supermarket shopping

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници.

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

-Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам на тоа што сум го кажал, но некогаш има моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол и вие ќе мора да интервенирате офанзивно, како што ние правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму не интервенираме, но има услови кога ќе се видат увозните цени и ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам ,но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука Владата мора да интервенира, рече Мицкоски.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-тина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28-ти овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.