Се билда салдото на странски директни инвестиции во земјава. Во првите пет месеци од годинава во Македонија влегле 141,3 милиони евра (податоци на Народна банка), што претставува раст од 49 милиони евра во однос на истиот период лани. Се отвораат нови фабрики и работни места, се зголемува извозот од слободните економски зони, се полнат парцелите во индустриските зони, се отвора повеќе работа и за домашните компании, пишува Лидер.
-Самото зголемување на странските инвестиции се должи на политиките и активностите кои се преземени во последните десетина години, не само за подобрување на бизнис – климата, туку на сето она што значи промоција на државата, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
Само во технолошко – индустриските развојни зони годинава ќе бидат вработени повеќе од 7 илјади луѓе.
-Заклучно со 30 јуни, во рамките на овие капацитети беа вработени 6.050 лица. До крајот на 2016 година оваа бројка ќе порасне на најмалку 7.100 вработени, што значи нови 1.000 вработувања за македонските граѓани, вели портпаролот на Влада, Александар Ѓеоргиев.
Македонија нуди добри можности за бизнис
Македонија нуди добри можности за правење бизнис, тоа го покажува и спроведената анкета од страна на Советот на странски инвеститори. И покрај политичката криза, странските инвеститори повторно би ја одбрале нашата земја како место во кое ќе го вложат својот капитал.
84% од компаниите кои веќе инвестирале би го направиле повторно тоа. Кога компаниите беа прашани од што најмногу се задоволни, тие истакнаа од работната сила, вели претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.
Истражувањето на Советот се потврдува и во практиката. Голем дел од компаниите кои инвестираа во Македонија се решија повторно да го вложат својот капитал во земјава. Тоа го направија „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, „Текнохозе“, „Ван Хол“. „Џонсон Контролс“ првично инвестираше во Скопје, за потоа да вложи и во Струмица и во Штип.
Инвестицијата во Струмица е вредна 20 милиони долари, во фабриката за производство на покривки за автомобилски седишта ќе се вработат 1.500 луѓе.
Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места, вели директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хајфт.
Реинвестирањето е најдобрата потврда за добрата бизнис – клима во земјава, но и препорака за потенцијалните инвеститори.
Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба, вели првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.
Македонија успева да го постигне ефектот на „снежна топка“, кога постојните инвеститори се доволна препорака за привлекување нови инвеститори.
Успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции. Како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании, бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Домашните компании инкасираат од странците!
Странските компании се важни за македонската економија, бидејќи добар дел од бизнисот завршува во домашни компании. Само лани нашите компании од странците инкасираа околу 50 милиони евра.
Најактуелно е да ги вмрежиме со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити, вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.
Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава, смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Податоците покажуваат дека над 500 домашни компании соработуваат со фабриките отворени од странските инвеститори во слободните економски зони, а преку соработката се отвораат и индиректни работни места.
Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини, вели Мизо.
Се менува структурата на извозот
Странските директни инвестиции го менуваат економскиот лик на Македонија. Наместо суровини и полупроизводи, сега од нашата држава се извезува и опрема, машини, автобуси, производи со многу повисока додадена вредност.
Охрабрува фактот дека од година во година сè повеќе во структурата на извозот учествуваат финалните производи за сметка на суровините, полуфабрикатите или таканаречените лон производи, ова посебно во текстилната или во чевларската индустрија, вели Митко Алексов од ССК.
Државната статистика ги потврдува позитивните трендови. Само во последните пет години, по влегувањето на „Џонсон Мети“, извозот на хемиски производи е зголемен и за повеќе од тројно. Уште поголем раст има во делот на транспортните уреди. „Ван Хул“ сега испорачува готови автобуси од нашата држава на европскиот и на американскиот пазар.
Македонија сега најмногу извезува катализатори на носачи со благородни метали, сетови на проводници за палење за возила, авиони, бродови, фероникел и облека. Најмногу увезуваме платина и легури од платина (потреби за работниот процес во „Џонсон Мети“), нафтени масла, струја.
Како резултат на влезот на странските инвеститори се промени и картата на нашите најголеми трговски партнери, па сега водечката петорка ја сочинуваат: Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.