Сејдини ги отфрла обвинувањата, тврди дека не доделувал предмети рачно и немало нивно намерно застарување

Обвинувањата на дел од вработените во Управниот суд дека претседателот на судот Бурим Сејдини рачно доделувал предмети а не по системот АКМИС, намерно биле застарувани над 190 предмети како и незаконски вработувања, Сејдини ги нарече шпекулации и невистини. Тој ги отфрла ваквите обвинувања и вели дека сето тоа е неточно и е само обид за негова дискредитација и нарушување на интегритетот на судот. Тврди дека од негова страна немало рачна распределба на предмети.

„Најодговорно тврдам дека во Управниот суд немало, нема и нема да има рачна распределба на судски предмети додека јас раководам со судот. Имено, распределбата била и ќе биде единствено преку АКМИС системот и согласно судскиот Деловник кој ја уредува распределбата на предметите. Следствено се останато е на шпекулативно ниво и со индигнација ги отфрлам ваквите ситуации“, вели тој.

Кривичната пријава вработените ја доставиле до Финансиска полиција, Антикорупциска комисија како и до Владата. Пред две недели Судскиот совет расправал за кривичната пријавата но за формирање на комисија која треба да изврши контрола во Управниот суд е одложено за септември. Антикорупционерите за ТВ21 потврдија дека отвориле предмет за Сејдини но не открија дали имаат некакви сознанија од досегашниот увид.

„Да, отворен е предмет и се наоѓа кај член на Антикорупциска. Веќе се постапува по него, но многу е рано да се каже дали има или нема некакви наводи за незаконско постапување“, вели Антикорупциска комисија.

Во кривичната пријава вработените обвинуваат за намерно застарување на предмети кои се однесуваат на финансиски предмети на Царината и УЈП за периодот од 2021 до оваа година и дека со тоа државата може да биде оштетена за милионски суми.

„Не е можно ниту јас ниту било кој друг во овој суд да знае кога ќе застари предмет од даноци или од Царина. Освен прекршоците кои што застаруваат согласно Законот за прекршоци, има апсолутни рокови на застареност, ретки се случаите на застареност во овој суд во поглед на даноците и царините. А тоа е кога е веќе изминат апсолутниот рок на застареност од 10 години и верувајте тоа е се во интерес на странките во оваа постапка односно тужителите“, вели Сејдини.