
Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска направија увид во градежните работи во Долно Лисиче каде е почната изградбата на атмосферска канализација.
Ова е прва атмосферска канализација во тоа населено место, која ќе биде изградена во должина од околу 1.800 метри, на улиците „1“ и „20“ во Долно Лисиче. Таа е од витално значење за жителите во тој дел на Долно Лисиче, затоа што ќе овозможи собирање и одведување на атмосферските води во реката Вардар.
Изградбата на атмосферската канализација ќе чини околу 24 милиони денари, а средствата се обезбедени по половина од општина Аеродром и Град Скопје.
– Откако изградивме фекална канализација, ја реконструиравме водоводната мрежа и целосно ги асфалтиравме сите улици во Долно Лисиче, покрај кои изградивме тротоари и улично осветлување, деновиве почна и изградба на атмосферска канализација, што се случува за првпат од постоењето на ова населено место. Со тоа целосно ќе се заокружи инфраструктурата и Долно Лисиче ќе ги добие сите неопходни услови и атрибути на една урбана средина, рече градоначалникот Коневски.