Со полна пареа се гради новиот експресен пат Велес – Штип (Кадрифаково). Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска изврши увид во градежните работи, на потегот кај село Мамутчево.
Како што посочи тој од денес започнува втората фаза од изградбата на новиот експресен пат Велес – Штип.
– Станува збор за нов експресен пат што го гради Владата на Република Македонија. Како што можете да видите позади нас денеска започнуваме со асфалтирање на втората фаза на овој експресен пат. Градежните активности се во полна динамика, постојано се работи и очекувам дека до првата половина на 2016 година комплетно ќе биде завршен овој експресен пат. Станува збор за пат, 26 километри, во вредност од 15 милиони евра. Мене ми претставува особена чест што сите градоначалници кои што се денеска со мене го поддржуваат овој проект, ќе се раздвижи овој регион и сите граѓани од овој регион ќе добијат голема придобивка, рече министерот Мисајловски.
Тој нагласи дека со новиот експресен пат Велес – Штип(Кадрифаково) ќе се скрати времетраењето на самото движење на автомобилите и ќе се добие една модерна и нова делница.
-Освен овој автопат односно овој експресен пат што го градиме исто така го градиме и автопатот Миладиновци-Штип, а таму сме преку 85 отсто во пробиена траса. Исто така сакам да ги информирам сите граѓани дека очекувам наредниот месец да се потпишат договори за пет нови регионални правци. Станува збор за Дојран-Николиќ, Мокрино-Смолари, Брвеница-Чегране, Ресен-Буково и Ново село- Маврово- Дебар, посочи Мисајловски.
Министерот потенцира дека Македонија ќе добие повеќе од 70 километри нови регионални патишта, кои што, како што рече, ќе бидат модерни со сигнализација како што доликува на секоја европска држава.
– Продолжуваме и понатаму да градиме и очекувам дека со уште позасилено темпо во наредниот период ќе видите како Македонија ќе ја изградиме со нови модерни и екпресни регионални и автопатни делници, рече Мисајловски.
Реконструкцијата на новиот експресен пат Велес – Штип (Кадрифаково) со вкупна должина од 24 километри започна во октомври 2013 година и се предвидува да заврши до крајот на годинава.
Градежните работи чинат 15 милиони евра. Со реконструкцијата е предвидено да се зголеми широчиината на патот од 6,40 на 11 метри.