
Тешки судири и гранатирање го потресуваат градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа во саботата, известуваат чевидци, додека израелската војска објави дека првите 310 палети хуманитарна помош влегле во опколената област преку импровизираното пристаниште изградено од САД.
Повеќе од десет дена од почетокот на „ограничената“ израелска операција во Рафах, како што ја нарече израелската армија, борбите меѓу израелските сили и палестинските милитанти повторно се разгореа во северниот дел на палестинската енклава.
Кувајтската болница соопшти дека две лица биле убиени во израелски напад во текот на ноќта во камп за раселени лица во Рафах, а очевидци пријавиле силно пукање и гранатирање во југоисточниот дел на градот и воздушно бомбардирање на источните области на градот.
Дописниците на AFP, сведоци и медицински лица рекоа дека во текот на ноќта имало интензивни борби во бегалскиот камп во северниот дел на Џабалија, откако израелската армија во петокот објави „веројатно најлошото“ насилство во градот во повеќе од седумте месеци војна.
Израелските власти на почетокот на јануари соопштија дека ја уништиле командната структура на Хамас во северниот дел на Газа, но војската рече дека Хамас, чиј напад на 7 октомври е причина за сегашната израелско-палестинска војна, „имаше целосна контрола овде во Џабалија додека не пристигнавме пред неколку дена“.
Влегувањето на израелските единици во Рафах, започнато и покрај силното меѓународно противење и надежите на посредниците за напредок во застојот на преговорите за прекин на огнот, ја влоши и онака страшната хуманитарна криза, велат хуманитарните групи. Бидејќи клучните копнени премини се затворени во континуитет или работат со ограничен капацитет речиси две децении а сега под изговор поради борбите, дел од залихите со помош почнаа да се влеваат во разурнатата од војната Газа преку привремена пловечка платформа изградена од Соединетите држави.

Вкупно 310 палети пристигнаа на брегот во „првиот влез на хуманитарна помош со пловечка док“, се вели во соопштението на израелската војска. Во наредните денови се очекува преку пристаништето да бидат испорачани околу 500 тони помош во Газа, соопшти американската Централна команда.
Меѓутоа, агенциите на Обединетите нации и хуманитарните групи предупредија дека таканаречениот „поморски коридор“ и континуираните воздушни исфрлувања на помошта не можат да ги заменат многу поефикасните камионски конвои во Газа, каде што Обединетите нации постојано предупредуваа на претстојниот глад.
Во услови на недостиг од залихи, израелската војска соопшти дека „десетици израелски цивили“ запалиле камион со хуманитарна помош наменета за Газа на окупираната друга палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан) во четвртокот вечерта, што е втор таков напад за една седмица. Инцидентот дојде откако десничарските израелски активисти во понеделникот ограбија најмалку седум камиони со хуманитарна помош од Јордан во близина на преминот Таркумја со Западниот брег.