Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје изјави дека во кампот има најмногу 18 луѓе што чекаат да се качат во воз.
“Утрото се качија 459 лица, а останатите влегле во земјата подоцна. Тие ќе поминат веднаш штом ќе дојде следниот воз”, вели УНХЦР.
Напладне имаше насилен обид на бегалците од грчката страна на границата да влезат во Македонија. Фрлаа камења и тврди предмети, а скршија и дел од заштитната ограда.
“Полицијата употреби солзавец и бегалците беа задржани на грчката граница. Состојбата е мирна, а оградата веднаш беше поправена”, изјави Министерството за внатрешни работи.
Бројот на бегалци што дневно ќе можат да поминат граница е ограничен на 580. Целта е да се лимитира дневниот транзит преку земјите на Западен Балкан на број кој ќе овозможи контрола на секој бегалец, согласно правилата на Шенген.
УНХЦР минатата недела најави дека ќе се отворат посебни центри за заштита на децата бегалци. Планирани се 20, кои треба да бидат готови за три месеци. Ќе се наоѓаат во Грција, Македонија, Србија, Хрватска и во Словенија. Центрите ќе бидат познати како сини точки за поддршка на деца и на семејства по должината на рутите за миграција во Европа