Се истражуваат злоупотреби во Национални шуми, вели Мицкоски

Во текот на денов ќе бидат исплатени сите заостанати плати на вработените во Јавното претпријатие Национални шуми, како и дел од побарувањата на коминтентите. Истото ќе се случи и за вработените во АД „Водостопанство“ после следната редовна седница на Владата на 27 август, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање, Мицкоски информираше дека во Национални шуми ќе бидат исплатени над 350 милиони денари, од кои 250 милиони денари обезбедени со ребалансот на Буџетот, а останатите од сопствени средства од производство на претпријатието. Надлежните органи, вели премиерот, се веќе во компанијата, истражуваат злоупотреби и набргу од денеска ќе имаме одговорност.

-Од тие информации со коишто јас располагам, таму четири месеци не е поделена плата. Со ребалансот на Буџетот се обезбедија средства да биде поделена плата. Во текот на вчерашната седница на Владата средствата од сметката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа префрлени на сметката на Национални шуми и во текот на денешниот ден заедно со сопствените средства од производство на компанијата како што бев информиран од новиот директор, проф. Здравко Трајанов, целосно ќе бидат сите заостанати плати, но и дел од побарувањата кон коминтентите. Направивме навистина голем исчекор, повеќе од 350 милиони денари ќе бидат исплатени, 250 милиони од ребалансот, а останатото од сопственото производство, изјави Мицкоски.

Според него, злоупотребите во Национални шуми се јасни, наспроти само 30 дрвосечачи, има 300 административни работници, од кои дел не се појавуваале на работните места.

-Мислам дека веќе има истрага за работењето на претходното раководство на компанијата. Во моментот основната дејност на Национални шуми е да се занимава со одржување на шумите. Ако ви кажам дека има само 30 секачи тогаш сум ви кажал се’. Инаку, има таму луѓе повеќе од 300-ини коишто би требало да бидат секачи, но тие се секачи, туку се административни работници. Дел од нив нормално не се ни појавувале на работните места. Од прилика така функционирала коалицијата СДСМ-ДУИ, но мислам дека надлежните органи се веќе во компанијата, веќе ги истражуваат овие злоупотреби и набргу од денеска ќе имаме одговорност, изјави Мицкоски.

Тој потсети на неговата најава дека веќе од следниот месец голем дел од основаните сомневања коишто ги имале во минатото да бидат поткрепени со цврсти докази.

– Сакаме да се обезбедиме со јасни докази, докази коишто ќе бидат цврсти за да тој којшто направил – да не се остави простор на двојно толкување за да тој којшто направил злодела ги ограбувал граѓаните, ги понижил, да одговара за тоа кое што го направил и тоа многу скоро од денеска почнувајќи од оваа есен, реков септември, чинам дека ќе почне сигурно да прогресира понатаму, рече премиерот Мицкоски.