Ако Турција и се заканува на нашата земја, тие ќе соочат со нашиот одговор и ќе знаат дека ние нема да направиме отстапки во име на дипломатијата за прашања поврзани со националниот суверенитет, рече Каменос во едно радио интервју осврнувајќи се на неодамнешните изјави на Ердоган за преиспитување на Договорот од Лозана од 1923 со кој без утврдени границите меѓу Грција и Турција, како и на изјавите на други турски политичари кои го оспоруваат грчкиот суверенитет врз повеќе острови во источниот дел на Егејското море.
Забелешките на Каменос, лидерот на помалиот владин коалициски партнер Независни Грци, предизвикаа остар коментар на заменик-претседателот на турскиот Парламент, Тугрул Туркес кој ја опиша својата земја како гарант на власта на целата територија на Кипар, а не само на северниот дел, додека пратеник на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) Танџу Озџан, изјави дека ќе постави турско знаме на 18 грчки острови.
Ќе одам на островите и ако треба, лично ќе подигнам турско знаме. Тогаш ќе го симнам грчкото и преку курир ќе и го испратам на грчката Влада, изјави тој во турскиот Парламент.
Најновата остра реторика меѓу двете земји, доаѓа по исходот од барањето за екстрадиција на осум турски офицери кои слетаа во Грција во јули за време на неуспешниот обид за државен удар во земјата.
Грчки суд вчера го отфрли барањето за екстрадиција на Анкара за двајца од офицерите, два дена откако друг суд составен од различни судии одобри екстрадиција на други тројца турски офицери. Во понеделникот, друг суд одби екстрадиција на уште тројца офицери. Судиите кои го одбија барањето за екстрадиција го прифатија случајот поднесен од страна на турските офицери дека нема да добијат фер судење доколку се вратат во Турција и оти нивната безбедност ќе биде загрозена.
Контрадикторните пресуди предизвикаа дебата меѓу правните експерти во Грција, од кои повеќето инсистираа дека грчките судови мора да ги почитуваат европските закони за човекови права и основните принципи на Советот на Европа, и да не практикуваат „дипломатија на политичарите“.
Против трите пресуди е поднесена жалба, и сега ќе бидат разгледани од страна на Врховниот суд. Ако и овој Суд го отфрли барањето за екстрадиција на Анкара, тогаш последната одлука ќе ја донесе министерот за правда, Ставрос Контонис.
Дипломатски извори за „Катимерини“ изјавиле дека дури и ако Врховниот суд и министерот за правда одлучат во корист на екстрадиција, тоа нема да се случи веднаш, затоа што сите осуммина веќе покренале постапките за азил кои нема да бидат завршени пред април следната година.