Се манипулира со темата Балансер – ЕУ констатира дека минатата власт злоупотребувала

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 говорејќи околу укинувањето на балансерот истакна дека на оваа тема се манипулира дека истиот беше проблем на ВМРО-ДПМНЕ, а реалноста е дека во извештајот на ЕУ се констатира дека истиот е злоупотребен и треба да се замени со нешто функционално.

„Проблемот е во скрининг извештајот на ЕУ. Таа констатира дека балансерот е злоупотребен, дека му поминала таканаречената употребна вредност и дека треба да се замени со нешто коешто ќе има. Ние не стоиме и не чекаме, туку работат групи да направат закон за правична застапеност кој што ќе биде уставен и за бргу ќе се најде пред пратениците во Парламентот“, истакна Мицкоски и додаде:

„Немојте да мислите дека ние сакаме да бидеме влада којашто ќе јава на полето на фрустрацијата што ќе се креира кај граѓаните.“

Тој исто така додаде дека оваа Влада со рамноправната распределба на 250 милиони евра на општините без истите да се двојат врз основа на етничка или политичка припадност како што правела минатата власт, на најдиректен начин покажа дека нејзин приоритет се сите граѓани кои живеат на територија на целата држава.

„Нема изјава во којашто не сум кажал дека мој интерес е скоро 26 илјади километри квадратни територија на цела држава и тоа го поткрепувам со дела. Еве како прв човек на Владата тие 250 милиони евра коишто треба да одат кон општините одат под ист критериум и во Штип и во Тетово и во Карбинци и во Боговиње, и во Радовиш и Струмица, и во Гостивар и Кичево. И одиме чекор понатаму, не само што не ги двоиме етнички општините и проектите, туку им велиме на градоначалниците, господа градоначалници направете проекти, како вие ќе ги направите така ние ќе ви ги финансираме. Не правевме разлика дали се тоа ДУИ, градоначалници коишто доаѓаат од ВРЕДИ или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Сите добија. Сите коишто дадоа проекти, добија проекти коишто ги финансира оваа држава и ние тоа го покажавме на директен начин“, рече премиерот Мицкоски.