Привршува монтирањето на пешачкиот натпатник преку автопатот Скопје- Петровец, што ќе ги поврзе населбите Хиподром и Инџиково, во општината Гази Баба.
Пред околу еден месец почна да се монтира натпатникот, а во изминатиов период се комплетираше првата половина од натпатникот и монтирањето на втората половина од конструкцијата.
На почетокот на монтирањето беше ветено дека доколку временските услови се поволни, изградбата на овој пешачки натпатник се очекува да заврши до крајот на октомври. Но, како што може да се забележи од фотографиите, можно е изградбата да заврши и пред крајот на месецов.
Целта на овој проект на Градот Скопје е да се овозможи непречено и безбедно движење на граѓаните од двете населби преку автопатот. Изградбата на натпатникот е од исклучително значење за жителите на Хиподром и на Инџиково, бидејќи оваа локација со години претставува црна сообраќајна точка на автопатот кон Петровец, со многу сообраќајни несреќи.
Натпатникот е со бетонски столбови, челични скали и челични рампи, а ќе овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и лица со посебни потреби.
Натпатникот е долг 63 метри, а широк 5,4 метри. Површината за движење е широка 3,1 метар, а по должината на натпатникот е поставена ограда висока 2 метра, изработена од челични профили и челична мрежа, како и конзоли за инсталации.
Новиот натпатник што ги поврзува населбите Хиподром и Инџиково ќе го осветлуваат 12 канделабри, а ќе бидат осветлени и рампите.
За изградба на овој натпатник Градот Скопје вложи околу 38 милиони денари.
ФОТО: КУРИР