-Се надевам дека граѓаните ќе сфатат оти избирачкото право е нивно, едно од најважните политички права, ќе го употребат и ќе го изберат кандидатот по нивна мерка, изјави денеска кандидатката за претседател на државава поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, по гласањето на претседателските и парламентарните избори.
Таа рече дека очекува Бугарија, бидејќи е во Европската Унија, ќе го следи моделот на Шведска, Данска и Финска, кои се главни поддржувачи на Летонија и Естонија.
– Значи оној што е напред, да ни го покаже патот, со нас да чекори заедно по патот. Мислам дека тогаш нема да има ниту една причина ние да не се почитуваме, да не соработуваме во сите области, не само во мојата, туку и во политиката. Значи јас сум, се разбира, предодредена да соработувам со бугарските колешки и колеги, немам друга алтернатива, изјави меѓу другото Силјановска – Давкова.
На новинарско прашање, дали ќе се види со бугарскиот претседател, таа одговори дека засега, не може да каже.
– Не можам да кажам сега, не знам. Меѓутоа една од моите први изјави беше дека јас нема да патувам ниту во Брисел, ниту по светот, освен ако не ме викнат, дека првите средби би сакала да ги имам со соседите, бидејќи ние мора да градиме регионална политика. Само така и во ЕУ ќе бидеме посилни и од кого да очекувам јас разбирање и помош, ако не од соседите, рече Силјановска – Давкова.