Уверен сум и се надевам дека без разлика на изборите во С Македонија, патот кон Европа ќе продолжи, изјави денес претставникот на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, на онлајн брифинг со новинарите, објави Глас на Америка на македонски јазик.
Ескобар најави дека овој месец заминува од позицијата заменик-помошник секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.
– Една од работите што сме многу среќни што ја постигнавме е тоа што неколку земји од Западен Балкан се солидно на патот кон евроатлантската интеграција, особено оние членки на НАТО – Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се целосно ангажирани на целиот процес на пристапување во Европската Унија. Уверен сум и се надевам дека без разлика на изборите во Северна Македонија патот кон Европа ќе продолжи – рече Ескобар.
Дополнително, Ескобар вели дека би сакал да бил направен поголем напредок во европскиот процес на трите членки на НАТО.
Стејт департментот, претходно за Гласот на Америка, соопшти дека е лажна вест оти специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар бил разрешен од неговата функција.