Уште не започнала новата сезона во Шпанија, а веќе ја имаме и првата провокација.
Барселона испрати официјална понуда до Реал Мадрид вредна 60 милиони евра, и тоа за еден од најдобрите фудбалери на “кралевите”, Анхел Ди Мариа. Аргентинецот честопати летово беше поврзуван со најразлични европски гиганти, особено силни беа шпекулациите за негов трансфер во ПСЖ и Манчестер Јунајтед, но со понудата на Барселона целата сага околу неговиот следен клуб добива поинаков шмек.
Трансферите во минатото, кога некој фудбалер минувал од Реал Мадрид во Барселона и “vice-versa”, биле пропратени со многу помпа, медиумска фама, тоа биле вистински војни помеѓу клубовите и армијата фанови кои стојат позади нив.
Токму еден од нив е и сегашниот тренер на каталонскиот гигант, Луис Енрике, кој од Реал премина токму во Барселона, па најверојатно очекува дека и Ди Мариа ќе се реши на таков потег.
Инаку Барселона доби забрана во следните два преодни рока да купува нови фудбалери, па сака уште сега што е можно повеќе да го зголеми играчкиот ростер, поради што веќе се отпочнати преговори за доведување на Марко Ројс од Борусија Дортмунд и Хуан Кудрадо од Фиорентина. Дали меѓу овие нови засилувања ќе биде и одличното “крило” на Реал, останува да видиме во следните 10-тина денови.