Во периодот од 13 до 19 септември годинава тестирани се вкупно 28.972 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,2 проценти во однос на минатата недела, се вели во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани сe 3.340 нови позитивни случаи од 32 градa во државата, за 3,7 посто помалку од минатата недела.
Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 14,3 проценти, просечно 11,4 посто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.669; 50,0%), a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци – 280,8/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=143; 4,3%).
– Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 каде што има зголемување за 50,5 посто и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2 проценти, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.595 (47,8%) лица од машки и 1.745 (52,2%) од женски пол.
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.441 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 12,8 проценти во споредба со минатата недела. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 23 реинфекции, намалување од 25,8 посто во однос на минатата недела.
Пријавени се 154 смртни случаи во 29 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (70), Куманово (12), Струмица (8) и Тетово (8). Најголем број (n=123; 79,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.
Заклучно со 19 септември, пријавени се вкупно 187.068 случаи на Ковид-19 (I=9.042,3/100.000). Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 35 градови низ државата.
Најголем дел регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет се евидентира во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок леталитет има во Крушево и Струга.
Се забележува намалување на инциденцата во 29 градови во државата во последните 14 дена во споредба со претходните 14 дена. Во пет града се забележува зголемувањe, додека во два града (Пехчево и Крива Паланка), состојбата е непроменета. R0 се движи од 0,48 во Дебар до 2,12 во Демир Хисар.
Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Кавадарци со 13.556,1 на 100.000 жители, Скопје (12.790,2/100.000) и Неготино (12.034,0/100.000), а најниска инциденца со 4.003,3 заболени на 100.000 жители се регистрира во Македонска Каменица.
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 92.829 машки и 94.239 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 8.967,1/100.000, а кај женските 9.117,6/100.000.
Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,7 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 47.678 (25,5%), додека највисок специфичен морбидитет од 11.613,2/100.000 се регистрира кај возрасната група од 50-59 години (n=32.547). Најнизок специфичен морбидитет од 1.683,0 и 4.416,2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 3.683 и 10.140 случаи, соодветно (Графикон 1).
Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран на 26 февруари 2020. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=1.512) е регистриран на 30 март 2021. Првиот случај е регистриран во 9-тата недела, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи.
Најголем број на заболени на неделно ниво (n=7.923) е регистриран на 13-та недела во 2021 година (Графикон 2). По седум последователни недели на пораст, во четири последователни недели се забележува намалување на бројот на заболени.
– Според извештаите од болниците кои пристигнаа до ИЈЗ (КИБФС, Институт за ТБЦ, Институт за физикална медицина и рехабилитација, УК Дерматологија, УК Токсикологија, УК ОРЛ, УК Неврологија, УК Кардиологија, ГОБ 8-ми Септември, КБ Штип, КБ Битола и КБ Тетово, ОБ Куманово, ОБ Прилеп, ОБ Велес, ОБ Струмица, ОБ Струга, ОБ Охрид, ОБ Гостивар, ОБ Кичево, ОБ Кочани, ОБ Гевгелија и ОБ Кавадарци, СБ за ТБЦ Лешок, КБ Систина) моментално се хоспитализирани 852 лица, а од нив 596 се на кислородна поддршка и 56 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Заклучно со 19 септември 2021 вкупно се регистрирани 522 реинфекции (една втора реинфекција). Регистрирани се 6.472 смртни случаи (Лт = 3,5%). Во однос на дата на смрт најголем број на смртни случаи се регистрирани на 8 април 2021 година (n=49), а според недела на пријавување во тек на 14-тата недела во 2021 година (n=293). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=5.265) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 1.210,5/100.000 жители. Регистрирани се 3.908 смртни случаи кај лица од машки и 2.564 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 4.783 (73,9% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=3.869), дијабет (n=1.610) и белодробна болест (n=718). Од пријавените случаи на реинфекција, пет завршиле со смртен исход. Регистрирани се седум смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 390 (6,0%) починале во вонболнички услови, а 6.082 (94,0%) починале во хоспитални услови.
Од 15 февруари 2020 до 19 септември 2021 тестирани се вкупно 1.254.061 материјал (детектирани 187.068 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест. Со ова во земјава се направени 606.069 тестови на 1.000.000 жители.
Според исходот од заболувањето, 12.786 лица (6,8%) се активни случаи, 167.810 случаи (89,7%) се водат како оздравени. Од случаите кои се водат како оздравени, 6.909 (4,1%) биле хоспитализирани додека останатите 160.901 (95,9%) биле на домашно лекување.
На 17 февруари 2021 во Република Северна Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19. Заклучно со 18 септември 2021, аплицирани се 541.413 дози на Pfizer/Biontech (290.749 со прва доза и 250.663 со втора доза), 45.418 дози на Sputnik V (22.909 со прва доза и 22.509 со втора доза), 116.595 дози на AstraZeneca (64.903 со прва доза и 51.692 со втора доза), 299.854 дози Sinopharm (150.591 со прва доза и 149.263 со втора доза) и 449.496 дози Sinovac (242.149 со прва доза и 207.347 со втора доза).
Заклучно со 18 септември 2021 вакцинирани се вкупно 771.301 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно со две дози се вакцинирани вкупно 681.474 лица. Во Република Северна Македонија, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 46,3 посто од населението над 18-годишна возраст, односно 42,8 проценти од население над 12-годишна возраст. Опфатот со една доза на вакцина против Ковид-19, на население над 18 годишна возраст, по ЦЈЗ/ПЕ се движи од 32,4 посто на територијата која ја покрива ЦЈЗ Тетово/ ПЕ Гостивар до 64,7 посто во ЦЈЗ Велес/ ПЕ Неготино.
Репродукцискиот број на заразени од Ковид-19 (R0) во Северна Македонија изнесува 0,99 заклучно со 19 септември 2021.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги во предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата се проценува дека:
Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 3, со умерени
капацитети за одговор.
–Покрај мерките за подготвеност во итни случаи, вакцинацијата, одговор и надзор, индивидуалните мерки на претпазливост, СЗО препорачува мерки за разгледување на надлежните органи, кои исто така мора да бидат земени предвид во однос на ефектите што овие мерки можат да ги имаат врз општата благосостојба на општеството и поединците: Затворање на несуштински деловни активности или работење од дома, што е можно повеќе; поединците треба да применуваат мерки како што се хигиена на рацете, посебно марамче за кашлање, да останат дома доколку не се чувствуваат добро, да носат маска, физичко растојание и да избегнуваат затворени простори, преполни места со можност за близок контакт; да се размисли за ограничување на наставата со физичко присуство на универзитетите и да се промовира е-учење; службите за згрижување на деца и основните и средните училишта треба да останат отворени со соодветни мерки за безбедност и надзор доколку тоа го дозволува локалната епидемиолошка состојба; посебна проценка за одржување спортски и слични настани кои треба да се одржуваат според строги безбедносни правила, на пр. без публика. Другите масовни собири треба да бидат прекинати, а големината на сите социјални собири треба да се намали, се додава во извештајот на ИЈЗ.