Бројот на странци кои живеат во Франција се зголеми за 700.000 за девет години. Истовремено од 2006. до денес со француско државјанство се стекнале околу еден милион странци.
Ова произлегува од статистичките податоци објавени од францускиот институт за статистички и економски студии (ИНСЕЕ), но зад нив се крие друга реалност, односно бројот на странци се намалил во изминативе десетина години, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Франција брои 65,8 милиони жители, Од вкупното население на Франција 61,6 милиони поседуваат француско државјанство, додека 4,2 милиони странско.
Oд нив 58,2 милиони се родени во Франција, 7,6 се родени во странство. Од тие што се родени во странство 1,7 милиони се со француско државјанство, 2,3 милиони се натурализирани Французи (се стекнале со француско државјанство по раѓањето) и 3,6 милиони од жителите на Франција се со странско државјанство. Или пак процентуално, на 1 јануари 2014 година, 8,9 од населението на Франција се имигранти.
Статистиката покажува дека бројот на натурализиациите на странците, односно земањето на француско државјанство преминал од 147.000 во 2006, на само 97.000 во 2013 година.
Наспроти сите убедувања и тоа што се мисли во јавното мислење и посебно кај крајно десните политички партии во Франција, се забележува и намалување на бројот на странците кои остануваат по различна основа да живеат во Франција. Односно во 2013 година, тоа биле само 33.000 лица, додека во 2006 биле 120.000. Имено во периодот од 2006 до 2013 година во Франција пристигнале 1,6 милиони имигранти, додека од Франција заминале 500.000 и починале 400.000, вкупниот број кој останал на нејзина територија изнесува 700.000.
Исто така паѓаат во вода и убедувањата дека бројот на населението на Франција се зголемува поради приливот на странците, статистиката покажува дека населението од 2006 до 2013 се зголемило за 2,2 милиони, односно дека имало 6,5 милиони раѓања, на 4,3 милиони умирања. Истовремено бројот на мигрантите за овој период кои останале во Франција изнесува 400.000, односно 16 отсто од порастот на населението. Така од вкупно 2,5 милиони регистрирани влегувања на француска територија, во истиот период ја напуштиле 2,1 милион.
Во 2013 година во Франција пристигнале 332.000 лица, од нив 70 отсто се имигранти, а околу 77.000 се француски државјани родени во Франција и кои се враќаат на нејзина територија по престој во странство.
Во истиот период дури 299.000 лица ја напуштиле Франција, од нив 95.000 мигранти заминале во странство, најмногу од нив се студенти по завршувањето на студиите во Франција, или пак враќање во родната земја по заминувањето во пензија.