Студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје информира дека повторно се враќа правото на намалена партиципација и школарина за студентите кои живеат во самохрани и еднородителски семејства, објави радио МОФ.
„Тукушто бевме известени од надлежните органи на УКИМ дека во однос на ова прашање ќе важат одредбите од стариот правилник според кој овие студенти не ја плаќаат полната сума за партиципација! Не смееме да дозволиме некој да ги прекине студиите поради неможност да уплати семестар!“, се вели во соопштението на Универзитетското студентско собрание.
Претходно здружението „One Can – Уouth“ алармираше дека годинава оваа група студенти нема да можат да го искористат ова право бидејќи при пријавата на дел од факултетите тие се целосно изоставени како група во делот наменет за специјални околности.