Се очекува намалување на инфлацијата и следната година

„Инфлациските очекувања се поволни, a притисоците од глобалните цени на храната и енергентите се намалија, со што за наредната година Народната банка очекува натамошно  забавување на просечната инфлација, сведувајќи се на 2,5%, а на среден рок на историските просеци од 2 отсто“. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на ТВ „Слободен печат“.

„Нашата последна оцена за инфлацијата за следната година е околу 2,5 проценти и таа се заснова врз претпоставки за умерен пад на цените на нафтата следната година, умерен раст на цените на храната на светско ниво, по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори коишто ги земаме предвид“, вели Митреска.

Добар сигнал е и тоа што инфлациските очекувања се поволни, односно потрошувачите веќе подолг период очекуваат намалување на цените. За сето ова значајна улога имаа и мерките што ги спроведе Народната банка. Сепак вицегувернерката Митреска нагласи дека ризиците коишто произлегуваат од глобалните случувања, растот на платите, како и растот на цените на услугите сѐ уште постојат.

„Во изминатиот период на неколку последователни кризи, она што го гледаме и низ Европа и кај нас е задржување на позитивните и релативно солидни профитни маржи, со умерен раст по одредени години и ова веројатно е една од причините поради кои некои ценовни категории сѐ уште не се приспособуваат надолу, па дури и кај дел од цените на храната“, посочи вицегувернерката Митреска и напомена дека позитивниот профит покрај тоа што може да делува врз нивото на цените, може и да го ублажи досегашниот раст на платите, но и евентуалните шокови со коишто може да се соочиме во следниот период.

Вицегувернерката Митреска напомена дека Народната банка и натаму претпазливо ќе ја води монетарната политика со примена на макропрудентни мерки, коишто дополнително ќе ја зајакнат финансиската стабилност.

„Во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата. Главниот параметар преку кој се утврдува стабилноста на системот секако е неговата капитализираност, којашто во моментов изнесува околу 19% и е повисока во однос на нивото пред пандемијата, но и стабилната и солидна ликвидност и  добриот квалитет на кредитното портфолио“, истакна вицегувернерката Митреска.