Турската полиција на истанбулскиот меѓународен аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во средата го приведе македонскиот државјанин Бобан Томовски и се очекува во сабота тој да биде екстрадиран во Македонија, пренесуваат турските медиуми.
Томовски, според истите извори, бил во контакти со турскиот наркобос Седат Пекер, кој изминатиов период изнесе обвинувања за криминал и корупција против членови на владата на Турција и на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP).
Според CNNTurk, Бобан Томовски патувал транзитно преку Истанбул за египетската престолнина Каиро. Според турските медиуми, утврдено е дека Томовски е криумчар на наркотици и имал чести средби со Пекер во Македонија, а при приведувањето бил на пат да замине во Египет преку Турција.
Турските медиуми посочуваат дека нема информации дали Томовски извршил кривични дела во Турција, но се тврди дека Пекер престојувал во неговиот дом кога пред извесно време бил во Македонија.
Јавниот обвинител на Анкара минатата седмица здаде налог за апсење на Пекер, за кој се верува дека се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати. Пекер се товари за шверц на дрога.
Името на Пекер се споменуваше дека е меѓу лицата со криминална заднина на кои им биле издадени пасоши со лажен идентитет од страна на македонското Министерство за внатрешни работи. Исто така, според сопствено признание, Пекер лично се познавал со македонскиот премиер Зоран Заев и повеќепати се среќавал, дури и во зградата на Владата.