Се одбележа Светскиот ден за подигнување на свеста за растот кај децата

Се одбележа седмиот интернационален Светски ден за подигнување на свеста за растот кај децата, под мотото „Рано откриен нарушен раст = здравје за цел живот!“, а по тој повод, Александар Петровски, претседател на на Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „РАСТ“, истакна дека треба барем два пати годишно родителите да ги мерат нивните деца, да ја користат апликацијата преку која може да детектираат дека нешто не е во ред и да побараат помош од ендокринолог додека е време.

– Иако ми е многу тешко морам гласно да кажам дека се чувствувам немоќен и јас и и моите членови на Здружението. Повеќе од 10 години активна работа, осум летни едукативни кампови, седми по ред Светски ден за подигање на свесноста за растот кај децата, бројни прес-конференции и гостувања во отворени емисии, многу состаноци по институции, претставки пред Народен правобранител, и пак не сме направиле еден чекор напред, останува на кое дете како ќе му се посреќи дали е пред граница 100-110 и после тоа, истакна Петровски.

Тој нагласи дека тие деца како возрасни доколку не се лекуваат имаат зголемена појава на срцеви заболувања и заболувања на кардиоваскуларниот систем, мозочни удари, депресија, зголемена телесна тежина, со сите последици кои ги носи.

– Кој е виновен, оние родители кои доцна забележале дека растот е нарушен, здравствените работници кои доцна го пратиле детето на Детска Клиника, здравствениот систем кој нема можност да ги лекува сите деца кои имаат потреба од хормон за раст… ова е круг во кој сите се вклучени и треба да ги решиме сите препреки и детектирани дефекти во системот, потенцираше Петровски.

Тој образложи дека државата е ограничена, посочувајќи дека веќе 10 години сме фиксирани со една бројка на лекувани пацинети, – 100, 105, 102 и повторно 100.

– Она што сакам да истакнам е дека нашето Здружение направи една детална анализа којашто беше ставена на маса кај сегашниот министер за буквално без дополнителни финансиски импликации да може да се реши проблемот, барем да се зголеми таа бројка сигурно за 10 до 15, можеби 20 деца.  Низ годините паѓањето на цените на хормонот за раст исто така ми дава за право да кажам дека во земјава може да се стави онаа бројка којашто ја бараме, значи деца коишто релно чекаат на листите да може веднаш да стават нови пациенти, рече Петровски.