Во Париз, целата оваа 2023 година се одбележува стогодишнината од смртта на Густав Ајфел (1832 – 1923), создавачот на светски познатата кула којашто се наоѓа во главниот град во Франција и го носи неговото име, соопшти операторот на споменикот.
Изградбата на Ајфеловата кула е завршена на 31 март 1889, а официјално е отворена на 6 мај истата година. Структурата е составена од 18.038 делови од леано железо, со помош на 2,5 милиони нитни. За време на изградбата, благодарение на безбедносните мерки што ги вовел Ајфел, загинал само еден работник, што во тоа време било несекојдневно достигнување. Металната конструкција тежи 7.300 тони, а до врвот има 16.665 скалила.
– На крајот на 19 век, изградбата на кула од 300 метри во срцето на Париз, највисока во светот во тоа време, било неверојатен предизвик. Тоа било во доменот на научната фантастика!, истакна претседателот на Компанијата за одржување на Ајфеловата кула, Жан-Франсоа Мартинс.
Според него, одбележувањето 100 години од смртта на Ајфел значи славење на „духот на научното освојување и човечката генијалност“.
На секои седум години, се нанесува боја на целата структура за да се заштити од корозија.
Во зависност од временските услови, врвот на кулата може да отстапи од вертикалата до осум сантиметри. Ова движење е предизвикано од нерамномерното загревање на металот од страната на Сонцето и од страната на сенката.
Кога била изградена кулата, многу парижани мислеле дека тоа е за потсмев и треба да се урне. Денес се смета за едно од ремек-делата на светската архитектура.