Пред единаесет години, на влезот на зградата на Владата на Србија, убиен е првиот демократски избран премиер на Србија и лидер на Демократската партија, Зоран Ѓинѓиќ.
Српските медиуми јавуваат дека и овој 12-ти март ќе биде одбележан со низа манифестации.
Ѓинѓиќ, како што потсетува Б92, беше убиен на 12-ти март 2003 година околу 12,25 часот. Владата на Србија неколку часа по убиството прогласи вонредна состојба. Како извршители веднаш се осомничени припадниците на земунскиот криминален клан. Тоа го потврдувше и фактот што било планирано тој ден, како што Владата подоцна соопштила, да се потпише налог за апсење на одреден број припадници на таа криминална група.
За време на вонредната состојба во Србија, која траеше се’ до 22 април, во полициската акција „Сабја“ уапсени се 11.665 лица, меѓу кои и партиски функционери, високи воени офицери, носители на правосудни функции и естрадни ѕвезди, а некои од нив минаа одредено време и во притвор. Осомничените како главни во организирањето на убиството на премиерот Ѓинѓиќ беа некогашниот командант на распуштената Единица за специјални операции Милорад Улемек Легија и припадници на земунскиот клан на Душан Спасојевиќ Шиптар и Миле Луковиќ Кум. Кум и Шиптар се убиени на 27-ми март во обид да бидат уапсени од полицијата.
Во полициската акција „Сабја“ уапсен е непосредниот извршител на убиството Звездан Јовановиќ, како и неколку членови на распуштената ЈСО, но и бројни припадници на земунскиот клан.
Во 2003 година покренато е обвинение против 44 лица за учество во организирано убиство, а судењето почна 22 декември 2003 година во Окружниот суд во Белград. Тие на 23 мај 2007 година беа прогласени за виновни и осудена на вкупно 378 години затвор.
Политичката позадина за убиството на Ѓинѓиќ не беше откриена.
Покојниот премиер беше еден од лидерите на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и „5 октомври“ револицијата која го симна од власта Слободан Милошевиќ.
Според оценките на американскиот неделник „Тајм“ Ѓинѓиќ е еден од 14 водечки европски политичари на третиот милениум.