Денеска се одбележуваат 113 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица „Поп Кочина” број 14, која се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија.
Гонџа е најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Таа потекнува од семејство во кое владеело правилото да се помогне секому кому е потребна помош.
Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила „повик од Бога“. По 6 години, таа го напушта родниот град. Заминува за Даблин, Ирска, од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага, прво заминуваат за Загреб, од каде по две недели Гонџа заминува за Ирска.
Ова е последната нејзина средба со своите мајка и сестра.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет.
Почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година по неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови
Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, започна диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.
По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил Папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза. Оваа титула ја носела сè до нејзиното прогласување за светица.
На 17 декември 2015 година Ватикан потврдил дела папата Франциск го признал „второто нејзино чудо“ со лекување на човек од Бразил кој имал повеќе тумори на мозокот.
Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои и 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија.