Повеќе од триста ученика од основното образование и стотина ментори-наставници, денеска, беа дел од 51-от државен натпревар на младите техничари и природници, кој го организира Сојузот на клубовите на младите техничари и природници на Македонија.
Учениците се натпреваруваа во 23 дисциплини: агротехника, автоматика, астрономија, астронаутика, бродомоделарство, воздухопловно моделарство, градежништво и архитектура, екологија, електроника, конструкторство, метеорологија, кино и видео техника, компјутерска техника, применета биологија, применета географија, применета математика, применета физика, применета хемија, радио техника, ракетно моделарство, роботика, сообраќајно моделарство, фото техника.
Смотрите се одржаа во основното училиште „Ванчо Китанов“, а ги отвори градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски. Во своето поздравно обраќање, Поповски изрази благодарност до организаторот на настанот и ги повика учениците да го покажат најдоброто во својата дисциплина, да продолжат со својата едукација и да се дружат на вакви натпревари.
Според Христина Спасевска, претседател на Сојузот на здруженија та за техничка култура на Република Македонија – Народна техника, гордост е да се организира и да се учествува на републички натпревар каде се собрани најталентираните основци во природните и во техничките науки во Македонија.
„Ваквите натпревари ја поттикнуваат инветивноста кај младите лица. Исто така, овозможува учениците да стекнат нови презентациски вештини, како и да го почуствуваат духот на натпреварувањето“, рече Спасевска.
На овој натпревар, основците ги презентираа своите проекти пред оценувачки комисии, составени од наставници, универзитетски професори и соработници. Добиените дипломи за освоени места се вреднуваат кога се доделуваат државните стипендии. Натпреварите се поддржани од Министерството за образование и наука на Република Македонија, Локалната самоуправа на општина Пехчево и Електрани на Македонија.