Се одржа традиционалниот Божикен ручек за 400 деца во Прилеп

Околу 400 деца од повеќе делови на земјава по 19-ти пат во вторникот традиционално седнаа на заеднички Божикен ручек во Прилеп. Организатор е Детската амбасада за сите деца во светот со седиште во Прилеп.

„На Божикниот ручек се деца од Прилеп, Битола, Крушево, Кавадарци, Скопје, Струмица, Штип…. Ги има од повеќе целни групи: деца без родители, деца од згрижувачки семејства, деца со попречености, но сите се едно. Божиќниот ручек ја носи пораката за чување на вредностите за еднаквост, љубов и мир и дека детската среќа е над сѐ. Се надевам дека оваа традиција ќе ја одржуваат идните поколенија“, изјави Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на невладината организација.

Божикниот ручек традиционално го благослови владиката Петар.

„Децата се нашата сегашност и нашата иднина. Тие се основата на семејството. Без нив нема ништо. Не може да постои општеството, ниту Црквата“, рече владиката Петар.

Прилепските градски власти на сите, околу 400 деца на Божикниот ручек, им даруваа пакетчиња и им го честитаа големиотпразник  Божик.

„Да има мир, спокој, детска насмевка. Децата да бидат безгрижни во семејството“, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

На традиционалниот Божиќен ручек, што се одржа во прилепскиот хотел „Салида“, членовите од студиото „Зодијак“ од Прилеп изведоа програма за децата. Беа поделени признанија за општествено одговорните фирми и поединци.

Традиционалниот Божикен ручек се одржа под мотото „Едно небо за сите деца“