Координативното тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал 2020 година денеска го одржа првиот состанок, на кој е нагласена главната задача на ова тело – да се спроведат активности и идеи за поддршка на фудбалската репрезентација на Македонија пред и за време на одржувањето на Европското првенство, информира Владата.
На состанокот се зборувало на три клучни теми, функцијата и важноста на Координативното тело, спортската дипломатија како и логистичкиот план поврзан со патувањата на фудбалерите и навивачките групи во услови на пандемија.
– Македонската фудбалска репрезентација за прв пат учествува на Европско првенство во фудбал. Оваа историска можност треба да биде поддржана и од наша страна. Координативното тело ќе се заложи за промоција и целосна поддршка на нашата репрезентација. Верувам во успешна реализација на нашата замисла – рече на состанокот претседателот на Координативното тело Наумче Мојсовски.
За време на состанокот преовладуваше афирмативниот став дека учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европско првенство претставува одлична можност за афирмација на нашата држава и дека тоа е шанса за спортската дипломатија да одигра важна улога во остварувањето на нашите национални интереси и стратешки цели.