Се подготвува нов закон за игри на среќа

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити посочи дека со новата Влада работат на нов закон за казината и игрите на среќа се со цел економски подобро да се развие земјата. „Работиме на нов закон за казината и игрите на среќа кој што ќе биде многу поригорозен бидејќи сакаме оваа држава да се развие економски, а не да стане Лас Вегас на Балканот“, посочи Меџити.

Тој истакна и дека со нивното доаѓање на власт нема да се зголеми бројот на казината и обложувалниците.

„Ние не земавме ниту директорско ниту заменичко место, како ни член на управен одбор на дирекцијата за игри за среќа на Лотарија на Македонија. Тоа беше првиот чекор, вториот чекор е нашата парламентарна група заедно со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, да побараме автентично толкување на законот. Владата веќе донесе став, чекаме и Собранието тоа да го потврди и ако го потврди, во тој случај петте концесии за онлајн казино ќе стапат на сила. Нормално дека тој што ги донел тие закони треба да одговара“, рече Меџити и додаде дека за него е важно што казината ќе бидат далеку од децата.