Вевчани и оваа година од 12-ти до 14-ти јануари ќе биде театар на отворено без режија и центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година. Веќе се изработени над 1.000 поединечни и групни маски, кои се чуваат во тајност, а организаторите очекуваат околу 10 илјади посетители.
На Вевчанскиот карневал и годинава ќе има многу музика.
Вевчанскиот карневал, со кој се слави доаѓањето на новата година по стариот календар, ќе почне со забава на 12 јануари, кога ќе настапат групата Архангел и Неша (Галија), Културно Уметнички Работници и Ди Џеј Рутбој. Следниот ден 13 јануари, во 14 часот ќе почне дефилето на маски.
- На дефилето ќе има над 1.000 групни и поединечни маски, што ќе го провоцираат да размислува оној кој ги гледа. Василичарите преку маските ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред. Тие се еден добар коректив, многу работи можат да се видат и да се слушнат и на крајот да се преземе нешто да се исправат девијациите во владеењето, изјави вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личници.
Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерта на 13-ти присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и Нели ти реков, Баклава, Џубокс бенд и Оркестар Зурли и тапани од Вевчани.
Според Лешоски, кулминација на настанот е на 14 јануари утрото во 2 часот и 30 минути по полноќ кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.
Вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски, кој ги покани сите што имаат желба да дојдат на вевчанскиот карневал, рече дека ова ќе биде уште една можност за уникатно искуство.
Вевчанскиот карневал е најголем европски фестивал на сатира и театар без режија. За уникатната карневалска поворка веќе се изработени над 1.000 поединечни и екипни маски, рече Јанкоски.
Карневалот во Вевчани има 14-вековна традиција.