Се подготвуваат ли партиите за предизборен маратон?

Датум за избори меѓу власта и опозицијата не е договрен, но се чини дека и двете страни на големо веќе се подготвуваат за изборно соочување следната година. Се збиваат и освежуваат партиските тимови, се излегува на улица меѓу граѓаните, партиски функционери присутни во секое село и град.

ВМРО ДПМНЕ ги засилува своите редови со нови луѓе кои директно ќе го советуваат претседателот Христијан Мицкоски, додека СДСМ најавува интезивна теренска кампања.

Мицкоски денеска објави дека во својот тим вклучува 16 стручни соработници од различно области кои ќе му помогнат да подготви решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани и за „Обнова на Македонија“.

„Овој тим од стратешки соработници за кој се согласи и доби поддршка и од Извршниот Комитет на партијата на седницата која се одржа вчеравечер, треба да биде јадрото и новиот квалитет кој ќе биде гаранција дека ќе се зафатиме со најтешката работа да ги решаваме проблемите, но не само да ги решаваме туку и на крај и да успееме. На Македонија по сите порази и искушенија и требаат успеси“, рече Мицкоски на денешната прес конференција.

Во тимот на Мицкоски влегуваат професорката Гордана Сиљановска која ќе го советува за право и политички систем, познатиот кардиохирург Сашко Кедев, кој ќе ги сподели своите знаења за решавање на проблемите со здравството, светски реномираниот оперски пејач Игор Дурловски ќе дава совети за култура, Борко Ристовски, ракометен репрезентативец, треба да даде најдобри решение како да му се помогне на спортот. Меѓу советниците се и професорите Тони Наумовски, Александар Климовски, Зоран Марков и други. Покрај советниците од земјава, Мицкоски ќе соработува и со тројца странци пред се во економската област.

Во истовреме, социјалдемократите со кампања под мотото „На прав пат“ најавуваат повеќе од 20 граѓански форуми на кои ќе ги слушаат ставовите на граѓаните, но и ќе го презентираат сработеното во изминатите две години.

„Првата трибина започнува оваа сабота, на 05ти октовмри во Штип, а на неа ќе учествува и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Граѓанските трибини на СДСМ, во поголемите градови се планирани секој викенд, а преку работните денови ќе се одржуваат помали трибини во помалите општини или населени места, во попладневните часови.  Во меѓувреме, продолжуваме со воспоставената пракса на организаирање на маалски и урбани средби со граѓаните. Сите структури на партијата се ставени во функција на граѓаните“, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски најавувајќи ги зголемените партиски активности и новиот концепт на партијата.

Мицкоски и денеска ја повика власта на предвремени избори веднаш по одлуката за датум за преговори со Европската Унија која се очекува за десетина дена. Двете страни велат овие активностите не се вовед во предизборна кампања, иако денешните настапи наликуваат на предизборие.

Опозицијата месеци наназад инсистира на рани избори и предлага тие да се случат најдоцна напролет. Власта пак смета дека најдобар термин за избори ќе биде октомври догодина. Иако генсекот на СДСМ, Николовски денеска изјави дека тие се подготвени за избори во секој момент.