Огласите за нови работни места во јавната администрација течат без прекин. Се полни јавниот сектор, продолжува практиката на вдомување на членови на семејства, на пријатели, партиски кадри… Тоа е така, и покрај фактот што се споменува бројка од повеќе меѓу 100 и 140 илјади вработени во државните институции. При тоа, почетните плати што се нудат, со некои исклучоци, се најмалку колку просечната плата во државата, или 25.000 денари, што им легнува на сметка на аминистративците секој месец.
Поради растот на вработеноста во јавниот сектор, ставките во буџетот за раст на платите во администрацијата секоја година се сѐ поголеми. Со Буџетот за годинава, на пример, расходите за исплата на плати беа проектирани на ниво од 28,4 милијарди денари (461 милион евра). „Зголемувањето се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведување на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и НАТО“, беше образложението на Владата за ова зголемување.
Речиси нема ден и месец, а да не бидат објавени огласи за вработување во некое министерство, единица на локална самоуправа, агенција, државна установа…некогаш се бараат по неколку лица, а често и повеќе од 10.
Моментално активни огласи има за : Собранието, поточно, во парламентарниот институт, каде се бараат 6 лица, како и 16 други државни службеници, исто така во Собранието, потоа во Канцеларијата на претседателот на Владата се отворени 3 места за административци, во Министерството за образование и наука се бараат 8, во Министерството за економија 2, во труд и социјална политика 10, во Агенција за администрација 16, ЈП Паркови и зеленило е отворено за нови 15 работни позиции…Или, во текот на септември се распишани огласи за вработување на околу 40 лица во разни министерства и државни установи во земјава.
Практиката на постојано отворање на нови места во администрацијата е сосема спротивна на препораките на ЕУ за нејзина професионализација, а преку реформа во државниот апарат, со цел нејзина поголема ефикасност и функционалност. На тоа се обврзува секоја влада во изминатите години, но досега без ефекти.
Вработувањата се во спротивност и на многуте изјави на владините министри, дека (ќе) се преземаат мерки за намалување на администрацијата и дека ќе се чистат вработените поради бројноста. најново е што одбраните прекубројни административци, Владата му ги нуди на приватниот бизнис (?) заедно со државни субвенции.
Неодамна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека префрлањето на вработени од јавниот во приватниот сектор е сериозна стратегија за реорганизација на дел вработените во државниот сектор. Кога ќе бидат готови анализите и нацрт стратегијата, ќе се одржи јавна дебата за да се дефинира конечниот план. Целта е да се намали превработеноста во јавниот сектор, а притоа да се обезбеди вработувања во приватниот, каде сѐ повеќе фалат работници
…„Субвенциите ќе бидат наменети за да се поттикнат што поголем број компании од приватниот сектор да се вклучат во преземањето на вработените. Со тоа ќе отвориме поголеми можности за различните профили на кандидати…Секој еден од овие луѓе кои работат во државниот сектор, сепак на некаков начин придонесувал и работел за нашето општество и има одредени квалификации и компетенции што може и треба да се искористат од компаниите“, изјави Манчевски. Тој пред две и пол години, пак,потврди дека : …„Во последниве 10 години има необјективно вработување поради што има превработеност. Јавната администрација во Македонија е силно политизирана, а реформите траат од 1999 година и не резултираа со ефикасност. Мора да се дефинира краен рок и да се усвои стратегија за реформа што ќе овозможи влез на стручен кадар“.
За превработеноста во јавниот сектор деновиве се обрати и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, според кој, нема нови вработувања во државните институции. „Јас не се согасувам дека администрацијата се полни, таа со години е иста, но се согласувам дека е преобемна и неефикасна“, изјави тој.
Според политикологот и професорот по социологија, Ѓорѓи Тоновски, континуираното вработување во јавната администрација не е измислица на Македонија, туку е појава присутна секаде во светот. „Нема друг, подобар начин партиите да им се оддолжат на партиските послушници, а со тоа и на гласачите, освен со вработување. Во земји со ниска вработеност, тоа е мотив плус на поединците за партиско ангажирање“, вели Тоновски.