Се повеќе се земаат кредити за стан, ама и потрошувачки кредити, а се избегнува минусот на сметките

Бројките за декември минатата година според Народна банка, кои се последните показатели на централната банка, и од нив може да се види дека македонскиот граѓанин се повеќе избегнува да ги користи минусите на тековните сметки и кредитните картички, кои, пак, патем, ги имаат и убедливо највисоките камати, објави Фактор.

Се додава дека се повеќе се преферира да зема заеми за станбен кредит, што значи за решавање на станбеното прашање, или, пак, потрошувачки кредит, кои, пак, главно се земаат или за купување на автомобили, или за бела техника, или за други многу посуштински потреби отколку за обичната дневна потрошувачка.

Иако, има и такви случаеви во овој дел на кредитирањето кога одреден граѓанин зема потрошувачки кредит со цел да затвори неколку кредитни картички.

На крајот на декември минатата година, македонските граѓани најмногу должеле кон нашите банки по основ на потрошувачки кредити, и тоа 2,095 милијарди евра. Ова е зголемување за 27 милиони евра во однос на еден месец претходно, односно во споредба со крајот на ноември минатата година, што значи дека толку нови потрошувачки кредити зело населението за период од еден месец.

Во однос на крајот на декември 2023 година, пак, потрошувачките кредити се зголемени за дури 146 милиони евра.

Станбените кредити растат побргу дури и од потрошувачките. Па така, на крајот на декември 2024 година граѓаните по основ на станбени кредити должеле 1,535 милијарди евра.

На крајот на декември лани граѓаните по основ на кредитни картички должеле 145 милиони евра, што е за три милиони евра помалку во однос на еден месец претходно, и намалување за дури 15 милиони евра во однос на една година претходно, односно споредено со декември 2023 година.

Минусите на тековните сметки уште повеќе одат надолу, па на кртајот на минатата година се свеле на само 93 милиони евра граѓански долг по тој основ, што е голем пад за 15 милиони евра за само еден месец.