
Најмалку 43 лица загинале во поплавите предизвикани од силните дождови кои го зафатија западниот дел на Германија, а 30 лица се водат како исчезнати во регионот Ајфел.
Во тој регион, на границата со Белгија и Луксембург, шест куќи, во кои престојувале 30 лица, се срушиле во текот на минатата ноќ.
Многу потоци и реки се излеале во сојузните покраини Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија, во кои за време на интервенцијата загинале двајца полицајци.
Градот Хаген е меѓу најтешко погодените. Жителите се повикани да ги напуштат своите домови и да се упатат кон повисоките делови на градот.
Метеоролозите најавија поројни дождови во оваа област и во текот на денешниот ден.