Се повлекува Законот за учебници – нема да има референдум

Владата го повлекува Предлог-законот за учебници и наставни материјали со кој од следната година четвртоодделенците требаше да почнат да учат од дигитални учебници.

Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ добила официјално известување од претседателот на Собранието, Талат Џафери дека Владата го повлекува Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Претставничката на иницијативата, Драгана Спасевска вели дека поради ова повлекување нема да се одржи ниту референдум, како што тие бараат.

– Денес се исплати родителската сплотеност, истрајност и борбеност и вроди со плод. Денес Владата го повлече предлог законот за учебници и други наставни материјали за основно и средно образование. Со повлекувањето на овој закон не е потребно одржување на референдум. Со ова докажавме дека ние родителите без разлика на вера, нација и политичка определба, заеднички можеме да делуваме во општеството за доброто на нашите деца и нивната иднина, вели Спасевска во кратка изјава за Сител.

Родителите излегоа на неколку протести во изминатиот период со барање за повлекување на предлог-Законот. Поднесоа и иницијатива за државен референдум каде ќе се изјаснат дали Законот да се донесе, меѓутоа, до денеска Владата не испрати допис до Државната изборна комисија. Без тој допис ДИК не може да ги отвори подрачните единици за собирање на потребните 10.000 потписи за одржување на референдум.