Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во тек се контроли за да се утврди дали имало злоупотреба при доделувањето на услугата „Туѓа нега“, соопшти министерот Фатмир Лимани при денешната посета на Гостивар.
– Ќе треба да отвориме очи, од две – дванаесет, за тие што исцрпуваат средства, како на пример, за даватели на услуги на трето лице. Бројката се зголемува со секој циклус на избори за најмалку илјада. Таков е примерот со Тетово. Последните три години, ако бројката била 5.000, сега е 7.500 корисници. За „Туѓа нега“ во Скопје, од 9.000 имаме 13.700, близу 14.000 корисници, а ова се случува само во тек на изборни циклуси – рече Лимани.
Тој посочи дека за оваа услуга на месечно ниво се издвојуваат по 6 милиони евра. Лимани изрази сомнеж за злоупотреби и напомна дека веќе се вршат проверки на документацијата.
Според него, ако се намалат злоупотребите, ќе се отвори можност и за покачување на минималната помош, но членовите на комисиите, лекарите и социјалните работници треба да бидат поодговорни во извршувањето на професионалните задачи.
На новинарско прашање околу предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање, Лимани рече дека таа не е разгледана и дека за тоа треба да се дискутира на владина седница.
– Ние сме во контакт и со премиерот. Мојата одлука не е конечна. Јас можам да бидам предлагач на некои закони, но тука има 20 министри кои треба да одлучат за ова. Во контакт сме и со сите министерства и со премиерот за сите овие работи – рече Лимани.