Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница (втор ден)
Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.
Тропар
Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, испраќајќи им Го Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти.
Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно Го славиме Сесветиот Дух.
Свети Михаил, епископ Синадски
Овој свет и мудар јерарх од детството се посвети себеси на служба на Бога. Се подвизуваше заедно со Свети Теофилакт Никомидиски. Еднаш во време на суша овие двајца светители со своите молитви низведоа изобилен дожд на земјата. Заради неговиот подвижнички и девствен живот, уште од неговата рана младост патријархот Тарасиј го посвети за епископ Синадски. Учествуваше на VII Вселенски Собор. По желба на царот одеше кај калифот Харун-ал-Рашид заради мировни преговори. Во времето на злобниот Лав Ерменин беше симнат од архиерејскиот престол и испратен во прогонство заради иконопочитување. Таму умре во беда и сиромаштија, останувајќи му докрај верен на Православието. Во царството на Царот Христос се пресели во 818 година.
Тропар
Иако жедта на душата за Љубовта Божја е поголема од потребите на телото, ти отче Михаиле, од Бога измоли напојување на сувите усти човекови, но Бога Го прослави, кога силно застапувајќи се за светите икони, славата од овој свет пред нозете на еретиците ја положи. Исповедувајќи дека Бог се овоплоти, и нам изобразените икони како прозорци кон вечноста ни ги остави, ти отче двоен венец од Владиката прими, сега за нас моли се, исповедниче, да достигнеме небесна висина, со душа налик на Неговата Икона.
Преподобниот маченик Михаил
По смртта на своите родители овој Михаил го раздаде сиот свој имот на сиромасите, а самиот отиде на поклонение на светостите во Ерусалим. Потоа стапи во обителта на Свети Сава Осветен и таму се замонаши. Михаил беше млад и убав на лице, но од строгиот пост сув и блед. Во тоа време со Ерусалим владееја Арапите. Еден ден духовниот отец го испрати Михаил да отиде во градот за да го продаде ракоделието. На улица го сретна евнух на арапската царица и го одведе кај царицата за да ? го покаже неговото ракоделие. Кога виде убав монах, царицата се распали со нечиста похот и му предложи на монахот телесен грев, како некогаш жената Петефриева на целомудрениот Јосиф. Штом Михаил го одби скверниот предлог и почна да бега, гневната царица нареди да го бијат со стапови, а потоа го обвини кај царот дека божем хулел на верата Мухамедова. Царот му предложи да ја прими таа вера, но тој одби. Тогаш му дадоа некој јак отров за да го отрујат, но тој го испи отровот и не му беше ништо. По ова царот нареди и го убија со меч насред Ерусалим. Монасите го најдоа неговото тело и го пренесоа во обителта на Свети Сава, каде што беше чесно погребан. Пострада за Христа и се прослави во 6 век.
Тропар
Црноризецу верен на Христа Бога, пострада маченички и Љубовта не ја изневери, а Таа облека нетлена ти подари и со венец бесмртен те закити. Сега мачениче, свет Михаиле, нека твојата молитва и на Небесата продолжи за родот човечки.
Преподобна Ефросинија, кнегиња Полоцка
Ќерка на полоцкиот кнез Всеслав. Кога родителите сакаа да ја свршат, побегна во еден женски манастир и се замонаши. Трипати ? се јави ангел Господов и ? го покажуваше местото каде што ? претстоеше да устрои нов манастир од девици. Кон монаштво ја привлече и својата сестра Евдокија и многу други девојки од благородничкиот сталеж. Нејзината роднина Звенислава, по раѓање кнегиња Борисовна, го донесе сето свое богатство, фустаните и скапоцените камења и рече: „Сите убавини на овој свет ги сметам за ништожни, овие украси подготвувани за брак ? ги давам на Црквата на Спасителот, а самата сакам да Му бидам свршеница за духовен брак и да си ја потклонам главата под Неговиот благ и лесен јарем“. Ефросинија ја замонаши и ? го даде името Евпраксија. На старост Ефросинија посака да умре во Ерусалим и Го молеше Бога за ова. Бог ? ја услиши молитвата и навистина, кога го посети Ерусалим, таму и се упокои. Погребана е во манастирот на Свети Теодосиј на 23 мај 1173 година.
Тропар
Своето богатство на сиромасите раздавајќи го, и славата кнежевска за ништо не сметајќи ја, си го презрела временскиот обручник, прекрасна девице, и онесвестувајќи се за Женикот Христа, на дар си Му принела душевна и телесна чистота. Пред него сега во радост стоејќи, спомни си за нас, кои го почитуваме твојот чесен спомен.