Се прегрупираат проруските сили во Доњецк

Во Доњецк, каде се повлекоа проруските сепаратисти откако нивните бастиони во Славјанск и Краматорск беа заземени во саботата од украинските сили, во тек е прегрупирање на вооружените сили на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, јави ИТАР-ТАСС.

Како што соопшти „доњецкиот министер без ресор“ Борис Литвинов вооружените сили во моментов се обединуваат под единствена команда.

Според Литвинов, нивниот командант Игор Стрелков не секогаш успевал да ја исполни улогата на командант на „вооружените сили на Доњецка Народна Република“, додека се наоѓал во Славјанск. Литвинов состојбата во Доњецк ја опиша како „стабилно тешка“.

„Киевските власти применија нова тактика, воведувајќи блокада во Доњецк, со цел да ги изморат жителите со глад и да ги лишат од храна“, додаде тој.

Според него, економските врски на милионскиот град се нарушени, блокирано е неговото снабдување, му недостигат елементарни работи, како долна облека, обувки и лекови. Тешка е состојбата за лицата кои примаат инсулин, има проблеми и со исплаќањето на платите.

Повлекувајќи се од Славјанск бунтовниците во моторизирана колона минаа 110 километри до Доњецк за време на викендот, развиорувајќи руски знамиња и одржаа протест на централниот плоштад вчера, а денеска многумина од нив можат да се видат на улиците на градот.