Синоќешното гостување на премиерот Зоран Заев на Македонската телевизија во отворено интервју со уредници на неколку медиуми, односно новинари, покажа како мисли старо-новиот претседател на Владата да ја води државата.
Од негова перспектива работите изгледаа многу розово, како да живееме во некоја од скандинавските земји и еве само што не сме тргнале на поарно. А, кризата туку-така ќе ја поминеме, само уште малку да се стрпиме. Ветувањата и слаткоречивоста доминираа по онаа народната „кажете му го на народот она што сака да го слушне“. Од она дека сите ќе одговараат, нема да се толерира корупцијата, а кога ќе се спомне на пример „Аватар“ ќе помислите дека станува збор за филм, а не за ноќен клуб, односно по ново за кафуле. Дури тогаш гледате дека законот не важи подеднакво за сите. За да Силјан Мицевски му го плесне в лице дека давал пари за да добива тендери. И, оп-трт, наредниот ден битолскиот бизнисмен добива тендер во РЕК „Битола“, вреден 6,4 милиона евра. А, да не го спомнуваме циркусот со Нефи Усеини од Охрид или оној кај скопска „Мавровка“.
Само со четири едноставни примери се демаскира неговата борба за правичност и корупција. Не му помогнаа ниту некои нарачани прашања…
Заев се обиде да поентира со економијата односно со буџетските проекции и малите падови изразени во проценти. Па така, премиерот рече дека државата е финансиски ликвидна затоа што навремено сме направиле чекори што значат заокружување на финансиска стабилна состојба на државата. За веднаш да каже дека ако сево ова потрае ќе имаме и други задолжувања.
Тој истакна дека редовно се сервисираат кредитите земени во минатото, кои се во висина од 1,147 милијарди евра, а, сепак, државата имала доволно средства, па четвртиот пакет мерки бил во завршна фаза.
Смета дека БДП во државата во моментов во вториот квартал е навистина на просекот и на регионот и на Европа, поради последиците од коронавирусот и сме имале помали падови од други земји во Европа. Првиот квартал ни бил 0,2% раст, а сега пад од 12,7, додека во третиот квартал очекува позитивна нула. Ако во четвртиот бидеме, како што претпоставувал целиот експертски домашен и меѓународен сектор, да се случи повторен раст на економијата и 12,7 ако ги подели со сите други квартали со 0% раст на 4 квартали добива 3,2% пад. Така очекува да биде под 4% коешто беше проектирано од СБ и од кај нас.
Сепак, оваа весела математика на Заев не се совпаѓа токму со експертите и странските предвидувања.
Бруто домашниот производ за вториот квартал изнесува 12,7%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Пад има кај сите параметри освен кај јавната потрошувачка. Најмногу претрпел извозот. Според завчерашните извештаи на ДЗС, извозот во првите седум месеци бележи пад од 21,4 отсто, а кај увозот има намалување за 17,3 отсто. Според објавените податоци вредноста на извозот во периодот јануари – јули 2020 година изнесува 3.297.625 илјади американски долари. Вредноста на увезената стока, во тој период, изнесува 4.511.999 илјади американски долари, што е за 17,3 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 1.214.374 илјади американски долари.
Економската состојба која е катастрофална според економистите беше очекувана. Со карантинот кој почна во март и се развлече цела пролет, не работеа шопинг моловите, рестораните и кафулињата. Голем дел од фабриките престанаа со работа, а откажани беа и сите манифестации. Но, тука виновникот исто така за ваквата економска состојба се должи и на популистичките и неуспешни мерки на власта кои не само што не помогнаа, туку уште повеќе ја урнаа економијата.
Сите процени на меѓународните, но и на домашните институции ја носат македонската економија во минус. Министерството за финансии очекува економијата годинава да падне на-3,4%, Народната банка на-3,5%. Најлоши сценарија предвидуваат ЕК и ММФ. Според нив економијата ќе оди во минус 3,9%.
Според „Макроекономски монитор“ од „Finance think“ се оценува дека има рецесија во македонската економија, со падови во индустријата од 25.3%, трговијата, транспортот и угостителството од 23.4%, извозот од 25.6% и инвестициите за 29.6%. Тоа покажува дека економијата е затворена и има најдлабока рецесија на македонската економија.
Заев не признава дека имаме историски најголем пад на БДП од 12.9%. Одлив наместо прилив на инвестиции, помала наплата на даноци и 40.000 работници на улица.
Токму кога сме кај даноците, ќе бидете среќни ако добиете фискална сметка, што значи фискалната дисциплина тотално е нарушена, за која имаше пофалби од тогашната опозиција сега власт и од сите фактори дома и во странство. Граѓани забележале кога ќе скенираат фискални сметки од големи маркети за „МојДДВ“ во сабота и недела не се скенираат. Значи, криминал на голема врата. Ова е голема причина што не се собираат пари во Буџетот.
Најави полнење на Буџетот преку интервенција во данокот на имот, каде што граѓани кои имаат недвижности кои не ги користат или не ги ставаат во некаква функција би платиле повисок данок.
Додека, „викенд без ДДВ“ и тоа само во септември е класично гребење кај гласачите, играјќи на картата на социјалната несигурност.
Од друга страна, во БДП влегоа и кредитите, кои, впрочем, поради ненавременото земање се поскапи. Нормално, ова не се кажува во јавноста. Задолженоста која се мери на милијарда евра задоцни. А, скандалот со доделувањето пари за покривање на плати во фирмите погодени од кризата, меѓу кои беше и самата министерка за финансии Нина Ангеловска, се обиде ноншалантно да го ублажи со тоа кога Владата с’ржала веднаш ги исплатиле, додека за другите ќе поднеле пријави. Колку пати треба да се повтори дека тие работодавци со умисла сакале да и забошотат парите од државата. Дури по големиот притисок од јавноста се трга во преземање мерки. Се посочија многу фирми блиски да власта во овој скандал.
Што да кажеме за скандалот со Еуростандард Банка, освен да посочиме на континуитет со ТАТ, Лавци, Алфа С и други пирамидални штедилници. Испумпани пари преку струмички фирми со кредити без покритие од Еуростандард банка. Стотици штедачи оставени без своите пари и илјадници граѓани пред банките во страв и паника. Искуство за режирање човечки трагедии со несогледливи последици.
Забележливо дека нашите колеги, а и Заев, заборавија да се потпрашаат за пропаѓањето на Еуростандард банка, аферата со контроверзниот бизнисмен Дака, проблемите на работниците од Еурокомпозит …
Заев мислеше дека најмногу ќе триумфира со струјата, истакнувајќи дека не гледа здрава логика во тоа да се протестира за покачување на струјата, кога таа и сега била поевтина во споредба со 2017 година како што ја затекнале.
Тој вака го аргументираше тоа дека просечна сметка за струјата во 2006 година била 822 денари, а во 2017 година 1.635 денари, односно покачена за 100 проценти, со воведувањето на евтината тарифа на струјата, сметката се намалила на 1.309, односно паднала за 326 денари поради евтината тарифа. Дури, и со сегашното покачување од 228 денари, струјата била поевтина од 2017 година.
Заборави да каже дека порано имаше и средна цена на струјата која на многумина повеќе им одговараше и сепак сметките не беа високи како што кажува тој. Не кажа дека трошоците на животот се многу повеќе пораснати од порано и дека имаме најскапа струја во однос на примањата. Ја кажува струјата како најевтина, но без ДДВ. Како и да е со струјата има многу игри и многу пари, па се одработува и за други.
Тој пак за задолжително пензионирање со 64 години, со тоа што ќе се докупува стаж, објасни дека пред полнење на 64, односно 62 години, да може да се докупи стажот, односно дека се отвора можноста граѓаните за тие пет години да ги платат придонесите за пензиско осигурување и може да заминат во пензија.
Заев појасни дека сумата на придонесите за пензиско осигурување за тие пет години е 18,4 проценти од платата, односно до 2.500 евра.
А како до тие пари, тоа е друго прашање?
Заев не пропушти да вети е дека ќе го реши спорот со Бугарија за Гоце Делчев на истиот начин како што го решил и спорот со Грција со кој Македонија се откажа од уставното име. Можеме само да замислиме како ќе биде решението за нашиот револуционер, а, како што вели Заев, да бидат задоволни и Бугарија и Македонија. Прашан за заканите на радикалниот Красимир Каракачанов дека ќе ги блокира преговорите со ЕУ ако не се откажеме од Гоце Делчев Заев рече дека има голема почит за Каракачанов и оти таквите изјави не помагаат.