Се преврте воз: Тројца загинати, стотици повредени

Композицијата со 12 вагони и две локомотиви се распаднала, неколку вагони паднале на двете страни од мостот, а другите завршиле превртени на пругата.

Три лица го изгубиле животот, а стотина биле повредени во понеделникот во несекојдневна несреќа на патнички воз, кој своето патување го завршил на делница на автопат на северозападот на САД, објавиле властите. Федералните инспектори соопштиле дека возот на американската железничка компанија “Амтрак” се движел со брзина од околу 130 километри на час, а дека на таа делница ограничувањето било 50 километри на час.

Возот кој сообраќал меѓу Сиетл и Портланд излетал од шините околу 7:40 часот по локално време.

Страшните сцени од скршените вагони кои лежеле сред авто-патот и остатокот од композицијата која за некое чудо останала на пругата над него, ја шокирале Америка.

“Добивме информации за три загинати лица досега”, рекла Брук Бова, портпаролка на полицијата на сојузната држава Вашингтон на прес конференцијата.

“Стотина лица се пренесени во болница”, додала таа. Претходно локалните медиуми известувале за шест загинати.

Композицијата со 12 вагони и две локомитиви се распаднала, неколку вагони паднале од двете страни на мостот, а другите завршиле превртени на пругата.

Оштетени биле и пет автомобили и два камиони на автопат. Спасувачите ги прегледале сите возила, и некои лица биле тешко повредени, додава Бова, давајќи до знаење дека бројот на жртви би можел да порасне.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер се огласил по повод несреќата, велејќи дека таа покажува дека Конгресот мора да ја одобри националната програма за модернизација на инфраструктурата.

“Нашите патишта, мостови, тунели, железницата, пропаѓаат! Но, не за долго”, напишал тој.