Весникот Коха повикувајќи се на полициски извори објави дека двајца жители на Чаир од кои едниот малолетен сами се пријавиле дека со нож го нападнале 19-годишниот Леарт Адеми на 3-ти јануари, пренесува „Курир“.
Момчето веднаш по носењето во градската болница им подлегна на трите убодни рани во срце и во стомак. Полицијата и обвинителството првично за инцидентот го гонеа 19-годишниот Ардит А. и му поднесоа кривична пријава за тешки телесни повреди со смртни последици.
Според Коха двајцата се предале на полицијата и потврдиле дека се напаѓачи на убиениот Адеми и неговиот другар.
Адеми и неговиот другар биле нападнати на улица „Ресенска“ (во близина на ресторанот Бизнис и градинката во Чаир) вечерта на трети јануари.
Нападнатиот другар на убиениот тврдел дека напаѓачот е член на навивачката група Шверцери и во станица извршил препознавање на приведениот Ардит, кој пак тврдел дека нема никаква врска со смртта на врсникот Адеми.
Коха објавува дека грешката при препознавањето најверојатно е поради огромната сличност на уапсениот со еден од извршителите кои сега се приведени. Сведокот поради физичката сличност тврдел дека Ардит е убиецот. По препознавањето на Ардит му е одреден 30-дневен притвор.