Се пробива на улицата Есенинова која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар

Екипите на Град Скопје денеска почнаа со изградба и пробивање на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.

– Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај „Тутунски комбинат“ бидејќи директната врска кон поранешното скопско сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата Есенинова.

Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71 милион денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.

Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само две поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.