Последното парче земја во приватна сопственост во стратешки важниот арктички архипелаг Свалбард е на продажба, и додека парцелата сигурно ќе ја привлече Кина, Норвешка не сака лесно да ја предаде.
Архипелагот се наоѓа на половина пат меѓу норвешкото крајбрежје и Северниот пол, во арктичка област која стана геополитичка и економска фокусна точка поради топењето на мразот што овозможува полесно движење во тој регион.
Заинтересираните купувачи можат да го добијат изолираното земјиште на Соре Фагерфјорд на северозапад од Свалбард за 300 милиони евра.
Тоа е околу 60 квадратни километри, што е отприлика колку њујоршки Менхетен, а има планини, низини, глечер и околу пет километри крајбрежје, без инфраструктура.
„Тоа е последното приватно земјиште во Свалбард и, колку што знаеме, последното приватно земјиште на Високиот Арктик“, вели адвокатот Пер Килингстад, кој го застапува продавачот.
„Кинезите се природно потенцијални купувачи, бидејќи долго време покажуваат интерес за Арктикот и Свалбард“, изјави тој за агенцијата France Presse (AFP). Тој тврди дека веќе добил „конкретни знаци на интерес“ од Кина.
Во документ од 2018 година, азискиот гигант се дефинираше како земја „блиска до Арктикот“. Пекинг планира да игра уште посилна улога во овој регион чијашто геостратешка важност расте а во која традиционално превралст има Русија чии ривали се нордиските земји зад кои стојат САД.
Свалбард е управуван врз основа на меѓународен договор од 1920 година, кој им дава многу простор на странските интереси. Договорот го признава суверенитетот на Норвешка над архипелагот, но граѓаните на сите земји потписнички, вклучително и Кина, имаат исто право да ги црпат нејзините природни ресурси. Русија таму ископува со децении преку државната компанија „Trust Arktikugol“.
Но, времињата се менуваат. Норвешка сега сака да го заштити својот суверенитет и затоа не сака Соре Фагерфјорд да падне во туѓи, особено во кинески раце. Норвешките разузнавачки служби сметаат дека Кина е најголемата безбедносна закана за оваа скандинавска земја по Русија.
Норвешкиот јавен обвинител затоа ги повика сопствениците, компанија во сопственост на Норвежанец со руско потекло, да ја откажат продажбата.
„Земјиштето не може да се продаде без дозвола од норвешките власти. Ниту, пак, е можно да се преговара за земјата без нив“, вели министерката за трговија и индустрија Сесили Мирсет.
Овој аргумент се заснова на клаузулата од заемот што Норвешка го дала во 1919 година. Но адвокатот Килингстад тврди дека таа клаузула е истечена.
Норвешка поседува 99,5 отсто од Свалбард и го прогласи најголемиот дел од територијата, вклучувајќи го и Соре Фагерфјорд, заштитено подрачје каде, меѓу другото, изградбата е забранета. Продавачите не се согласуваат со ова и се повикуваат на договорот од 1920 година.
„Сите потписници имаат исти права“, потенцира Килингстад, додавајќи дека Норвешка изградила аеродром и пристаниште и згради во Лонгирбјен, најголемиот град на архипелагот.
Андреас Остаген од Истражувачкиот институт Фритјоф Нансен тврди дека земјиштето има „минимална“ економска вредност и дека нејзината продажба не претставува „голема закана“ за Норвешка. Но, додава тој, „сопственоста на земјиште во Свалбард може да има стратешка вредност за 50 или 100 години“.