Се продавало името како курвање на улицата пред МРТВ

Македонија одамна е балканска Казабланка и разно-разни служби така лесно си се шеткаат меѓу нашите политичари што е просто несфатливо и најчесто на наша штета. Последниот случај со контроверзниот српско-црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака по многу нешта е специфичен.

Како прво, директно таргетира лица од македонскиот политички врв – Владата, и тоа премиерот Зоран Заев и генералниот секретар Драги Рашковски.

Како второ, повторно во игра е лицето кое беше вмешано и во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, кој е дефиниран како човек од подземјето, а можеби е сосема нешто друго, па затоа брзо ја призна вината и некој не го чепка. Тоа значи дека има „добра школа“, зел што зел – направил што направил, сега треба само да молчи, за да не ги загрози интересите на политичарите инволвирани во овие случаи. „Рекет“ водеше до Заев и неговите соработници и до Специјалното јавно обвинителство преку кое требаше да стави крај на криминалот или, како што слушаме, да го усоврши.

Третото – во многу земји на светот нема цена, а и за криминалот понекогаш се замижува, но да земаш пари за да си го смениш името, и тоа од многу сомнително лице кое очигледно има врски со службите и како што го дефинираат медиумите од регионот – руски човек, е за презир и срам до крајот на животот. На челото ќе му пишува – „Си го продаде библиското име Македонија“. Чудно е како нашите разузнавчки служби ги бараа руските пари кај опозициските партии – ВМРО-ДПМНЕ, Единстевна Македонија, одредени невладини организации и политички аналитичари, потоа движењето Спаси го името Македонија, Светскиот македонски конгрес, а тие да и бидат пред нос и пред очи и да завршат во Владата кај двоецот Заев-Рашковски.

А, што да кажеме за оние другите пари што влегоа преку НВО-ата и завршија во многу медиуми и кај одредени новинари, па политичари, за полесно продавање на националните интереси!?

Од друга страна, да те купат за 300 илјади евра, каде што посредник е Кичеец, за да си го промениш името е како курвање пред МРТВ – дно.

Рекет и оваа аудио бомба поврзана со контроверзниот Дака, значат крај на секоја Влада и завршување на кариерата на дотичните политичари. Ама, бидејќи ова е Македонија, истите тие ќе одат по селата и градовите, без срам и перде, ќе го убедуваат народот дека е добро што го продале, а патем и заработиле.

Покрај првата забелешка „Македонија Казабланка на Балканот“, слободно ќе додадеме „Македонија долина на криминалот“ под покровителство на Владата и двоецот Заев-Рашковски.

Повеќе од очигледно е дека има работа Обвинителството, Финансиската полиција, Судот, МВР, затоа што се земани пари под рака од контроврезен човек на кого треба да возвратат, само може да претпоставуваме дека се работи за некоја атрактивна градежна парцела од 2. 000 квадрати, бидејќи Миодраг Давидовиќ – Дака се занимава со градежништво.

Ова е премногу, затоа органите на прогонот треба сериозно да се ангажираат и да го расчистат овој скандал, а Заев да го препушти лидерското место во СДСМ на некој друг и да се откаже од неговите премиерски амбиции.