Ќе се проширува листата со ранливи потрошувачи кои ќе добијат државна помош за да си ги платат сметките за струја и парно или друго греење.
Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека стартува дефинирањето на принципите врз основа на кои ќе се прошири постојната листа на ранливи потрошувачи со цел да се намали енергетската сиромаштија.
РКЕ, заедно со Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика и Владата го почнале процесот со кој точно ќе се таргетираат потрошувачите на кои финансиски ќе им се помогне да ги подмират сметките за електрична и топлинска енергија.
„Станува збор за комплексна операција во која треба да се вкрстат податоците на повеќе институции за да се идентификуваат прецизно потрошувачите на кои им е неопходно да им се помогне за да ги подмират сметките за електрична и топлинска енергија со цел да се намали енергетската сиромаштија. Во моментов надоместок за енергетска сиромаштија добиваат корисниците на социјална помош, а РКЕ по препорака на Секретаријатот на Енергетската заедница иницира да се прошири опфатот на ранливи потрошувачи и за таа цел кон крајот на минатата година како што сте запознаени доставивме предлог листа до Министерството за економија кое сега сите заедно го разгледуваме детално. Освен опфатот, го разгледуваме и начинот како да бидеме сигурни дека доделените пари се користат за подмирување на сметките за електрична односно топлинска енергија. Клучно е да се таргетираат потрошувачите за да се намали енергетската сиромаштија“ ,изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на одржаниот состанок со сите засегнати институции.
РКЕ во доставната листа предлага освен лицата кои примаат социјална помош, дополнително да се опфатат и следните категории на потрошувачи: домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи; домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и истиот е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија (прва група) и истата е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата, чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинството; домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на тарење на пандемијата.