Се разгорува борбата за власт во Судан, жестоки судири во Картум

Жестоки борби беснееја во Картум во четвртокот, додека армијата се обидува да ги истисне паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) од областа околу претседателската палата и воениот штаб, а траен прекин на огнот се чини неостварлив.

РСФ ја обвини армијата дека го прекршила примирјето и дека ги напаѓа нејзините сили од зори, како и дека армијата изведува „кукавички“ напад врз станбени области со артилерија и авиони.

Според аналитичарите, двете страни се борат за контрола на територијата во главниот град пред започнувањето какви и да се преговори, иако лидерите на двете страни јавно покажаа мала волја да разговараат по повеќе од две седмици борби.

Жестоки гранатирања, исто така, во четвртокот одекнувале и во соседните градови Омдурман и Бахри.

Во меѓувреме, Обединетите нации ги притиснаа завојуваните страни во Судан во средата да гарантираат безбедно минување на хуманитарната помош, откако беа ограбени шест камиони, а воздушните напади во главниот град го поткопаа прекинот на огнот.

Координаторот на ОН за хуманитарна помош Мартин Грифитс изајви дека се надева дека ќе има состаноци лице в лице со завојуваните страни во Судан за два до три дена за да добие гаранции од нив за безбедно поминување на конвоите со хуманитарна помош.

ОН предупредија дека борбите меѓу армијата и РСФ, кои избувнаа на 15-ти април, може да доведат до хуманитарна катастрофа што може да се прошири и во соседните земји. Судан во вторникот објави дека во досегашните судири загинале 550 луѓе, а 4.926 се ранети.

Околу 100.000 луѓе избегаа од Судан со малку храна и вода во соседните земји, соопштија ОН.

Армијата и РСФ заедно ја соборија владата со државен удар во 2021 година, но сега тие се борат меѓусебно за власт, запирајќи го процесот на транзиција кон демократија и се закануваат да го дестабилизираат кревкиот регион.