Се реконструира депото за возови во „МЖ – транспорт“

Започна да се реновира железничкото депо Лисиче на МЖ Транспорт АД. Се очекува за една година реконструкцијата на халата и работилницата за шински возила и дизел локомотиви да бидат завршени. По 43 години откако е направено ова е прва интервенција за модернизација на железничкото депо со која ќе се овозможи значајно подобрување на условите за работа и ефикасност во одржувањето на железничките возни средства.

Директорот на „Македонски железници – Транпорт“, Никола Костов истакна дека реновирањето на железничкото депо е  третиот проект од проектите на Владата на Р. Македонија  за обнова на железничкиот парк.

kostov-zeleznici-640x480

Првпат по 43 години вршиме модернизација на халите и создавање на нормални услови за сервисирање на возовите. И покрај ситуацијата во која се наоѓа „Македонски железници“, имајќи ја предвид мигрантската криза и штрајковите на Солунското пристаниште, сепак изнаоѓаме начини и средства преку проектите на Владата да вршиме реконструкција на овие хали, рече Костов.

Тој посочи дека реконструкцијата ќе чини околу два милиона евра, средства обезбедени преку Европската банка за обнова и развој.

Покрај обновата на железничкото депо, во делот на модернизацијата на железничкиот сообраќај, набавени се и 150 товарни вагони и шест патнички возови, а во тек е и купувањето на три електролокомотиви.

rekonstrukcija-1-640x480

Во однос на загубите што ги трпи претпријатието со штрајковите на Солунското пристаниште, Костов изрази надеж дека во следниот период ќе се надоместат претрпените штети.

Директните штети на Македонски железници изнесуваат околу три милиони евра или околу пет милиони евра индиректни штети. Очекуваме дека изгубените превози во догледно време и со тековно работење, ќе ги надминеме, рече Костов, додавајќи дека засега нема проблем во исплатата на платите за вработените.