Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го посети училиштето „Кирил и Методиј“ во населеното место Стајковци, кое се реконструира со средства од Министреството за образование и наука.
– Ова училиште е едно од 60-те училишта во коишто Министерството за образование и наука инвестира во 2016 година. Досега речиси две третини од планираните реконструкции се завршени. Остануваат петнаесетина училишта, каде што се уште се одвиваат дел од тековните градежни активности, рече Ристовски.
Во училиштето комплетно е сменета кровната реконтрукција, како и подот. Паралелно во соработка со општината се спроведуваат и други градежни активности коишто, како што информираше заменик-министерот, се, пред се, во насока на подобри услови за учениците.
– Согласно планот и динамиката и нашите очекувања се дека до септември, до почетокот на новата учебна година, треба да се заврши со комплетно планираните активности. Во рамки на ова училиште планирана е и изградба на нова спортска сала од помал тип, која што ќе биде исклучиво за потребите на учениците, рече Ристовски.
Министерството за образование и наука ќе продолжи со своите инвестициски активности во општина Гази Баба.
– Веќе е определена компанија да изработи проект за ОУ „Крсте Петков Мисирков“, а и паралелно ги продолжуваме активностите за соработка со кинеската Влада, а се однесуваат на новото училиште „Вера Јоциќ“, рече Ристовски.
Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски изјави дека текот на реконструкцијата во училиштето во Стајковци одлично се одвива.
– Овој летен период што следи додека учениците се на распуст имаме големи градежни зафати, реконструкции, санации односно подобрување на условите за одвивање на образовниот процес во сите 11 основни училишта на територија на Општината Гази Баба. За таа цел од Буџетот на општината одвоени се средства во висина од околу 10 милиони и 300 илјади денари, рече Трајковски.
Според него, средствата се веќе распределени на училиштата, а некои веќе избрале фирма за реконструкција на училиштата.
– Исто така во завршна фаза е и комплетното опремување на новото Основно училиште во населбата Железара, во завршна фаза е набавката на опремата. Училиштето ќе има комплетно нова опрема, нов инвентар, надгледни средства, нови лаборатории, информираше Трајковски. За таа цел ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари, обезбедени од кредитот од Светската банка.